fbpx

Во една недела две лица починале од грип, немале примено вакцина против сезонски грип

„Имаме висок интензитет на активноста на вирусот на грип“, навеле епидемиолозите од Институтот за јавно здравје во последниот објавен извештај

-

Во текот на првата недела во новата календарска година, регистрирани се два смртни случаja асоцирани со грип, наведено е во последниот извештај на Институтот за јавно здравје кој се однесува на состојбата со грип во земјава. Во него е наведено е дека се работи за лица на возраст од 56 и 61 години од Скопје и Куманово кои биле хоспитализирани на Клиниката за пулмологија и алергологија.

„Кај починатите лица е утврдено присуство на коморбидитети (кардиоваскуларни и белодробни) и не биле вакцинирани со вакцина против сезонски грип. Кај починатите лица, лабораториски е потврдена Influenza А(H1)pdm09“, наведено е во извештајот.

Во текот на првата недела во државата се пријавени 1.025 случаи на заболени од грип/заболувања слични на грип, што е 2,5 пати повеќе во споредба со претходната недела. Бројот на пријавени лица оваа недела споредено со првата недела од минатата сезона е зголемен за 24,8 отсто.

„Се забележува зголемување на бројот на заболувања слични на грип, кој за прв пат оваа сезона е над неделната граница за сезонска активност. Резултатите добиени од вирусолошкиот надзор над инфлуенца покажуваат дека има широко распространета активност на вирусот на грип. Процентот на позитивност е над границата од 10 отсто три недели по ред. Согласно овие податоци, имаме висок интензитет на активноста на вирусот на грип“, наведуваат епидемиолозите во ИЈЗ во извештајот.

Инаку, од регистрираните 1.025 случаи, 544 лица се на возраст од 15 до 64 години, 233 се деца на возраст од 5 до 14 години, 185 се деца на возраст до 4 години и 63 се лица на возраст над 65 години. Највисока инциденца (191,7/100.000) е регистрирана кај децата на возраст до 4 години.

Ако се погледнат бројките по месеци, се забележува дека во октомври имало 196 случаи, во ноември – 268, во декември имало 829 евидентирани случаи, додека, пак, во јануари, бројката е највисока со 1.025 случаи на заболени од грип.

„Во досегашниот тек на сезоната на грип, регистрирани се четири починати лица асоцирани со грип, две од Скопје и по едно лице од Куманово и Штип, по две од возрасната група на лица 15-64 и над 65 години, сите хоспитализирани, со коморбидитети и невакцинирани против сезонски грип“, се додава во извештајот.

Во однос на вакцинацијата, заклучно со првата недела од новава година, во Р.С. Македонија, вакцинирани се вкупно 60.766 лица со бесплатна или комерцијална вакцина.

„Вакцинацијата против сезонски грип е најефикасна заштита од ова заболување. Институтот за јавно здравје препорачува вакцинација на целото население, а ова посебно важи за постарите лица (над 65 години), деца на возраст од 6-59 месеци, лица со хронични болести, бремени жени и здравствени работници“, се нагласува во извештајот.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Дебар Маало го прослави роденденот на Горан Стефановски

Во чест на роденденот најпознатиот македонски драматург, во Дебар Маало денеска повторно се слушаше гласот на Горан Стефановски преку неговите аудио драми кои ги пушташе платформата „Самоглас“. На настанот организиран...