!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Најмногу очекуваните паметни телефони годинава


Њујорк, 27 јануари, 2017 - 22:02 (META) 

Познавачите на пазарот на паметни телефони типуваат кои ќе бидат моделите што ќе предизвикаат најголемо внимание во светот годинава.

Откако ќе се појави на пазарот, осмата генерација ќе биде јаготката на шлагот за прославата на десеттиот роденден на „ајфон“. „Ајфон 8“ ќе биде комплетно редизајниран во однос на претходниците. „Мек ворлд“ најавува можно враќање на дизајнот со нерѓосувачки челик со комплетно стаклено лице, извиен ОЛЕД-екран, нови бои за избор и безжично полнење.

Годинава се очекуваат и „галакси С8“ и „галакси С8 еџ“ на „Самсунг“.„Форбс“ пишува дека ќе имаат „бескраен екран“, со што ќе се вклучат во трендот на многу тенок, милиметарски раб. Засега нема најави кога новите модели ќе бидат промовирани, но се очекува новите паметни телефони да излезат на пролет.

„Самсунг“ планира да исфрли на пазарот нов модел од серијата „галакси ноут“, за да го замени „ноут 7“, кој беше вистински кошмар и за компанијата и за многу корисници, поради експлодирањето на батериите, по што примероците беа повлекувани.

Кога станува збор за „Гугл“, паметните телефони „пиксел“ и „пиксел екс-ел“ се веќе на пазарот, откако беа формално најавени на крајот на 2016 година. Тоа се првите телефони што се направени токму од „Гугл“, оти претходно, како во случајот со паметните телефони и таблети „нексус“, „Гугл“ целосно го доверуваше производството на други производители.

„Ел- џи Г6“ се очекува на крајот на февруари, како нов адут на производителот од Јужна Кореја што цело време се бори да излезе од сенката на својот сонародник „Самсунг“. Фотографиите кои протекоа во јавноста покажуваат дека е изработен од метал и од стакло со екран од 5,7 инчи и многу тенок раб. Во однос на практичноста и економичноста, ќе има батерија што може да се замени. Овој телефон нема да пропушта вода.


Министрите за финансии на ЕУ ја поддржаа одлуката на ЕК за данокот на „Епл“


Братислава, 10 септември, 2016 - 13:39 (META) 

Министрите за финансии на земјите-членки на Европската Унија (ЕУ) денеска на состанокот во Братислава, ја поддржаа одлуката на Европската комисија (ЕК) дека компанијата „Епл“ треба да плати неколку милијарди евра поради неплатениот данок во Ирска, пренесуваат светските агенции.

Холандскиот министер за финансии, Јерун Дајселблум, и неколкумина негови колеги го повикаа „Епл“ да го плати износот, кој, според аналитичарите, со каматата би можел да достигне околу 19 милијарди евра.

Дајселблум пред новинарите изјавил дека „меѓународните компании имаат обврска да плаќаат данок на праведен начин“.

Тој додал дека меѓународните даночни „дупки“ се минато и дека „Епл“ мора да плаќа данок и во САД и во Европа, порачувајќи ѝ на компанијата да биде подготвена за тоа.


Претреси и апсења во фабрика за лажни „ајфони“ во Кина


Пекинг, 28 јули, 2015 - 10:29 (META) 

Кинеските власти извршиле претреси и уапсиле девет лица во фабрика во која, според сомневањата, биле направени 41.000 лажни „ајфони“ на „Епл“, јавуваат светските медиуми.

Според информациите, во фалсификувањето биле ангажирани стотици работници кои од деловите на стари, односно половни паметни телефони склопувале „ајфони“, означувајќи ги како нови и ги подготвувале за извоз. Заработката од продажбата на лажните телефони направени во фабриката се проценува на околу 19 милиони американски долари.

Фабриката била откриена уште кон средината на мај оваа година, но од Бирото за јавна безбедност во Пекинг информацијата ја откриле дури оваа недела, преку социјалните мрежи.

Бизнисот, според информациите на пекиншките власти, бил воден од брачна двојка, а фабриката била сместена на периферијата на главниот град на Кина.

Истрагата за фабриката била иницирана од властите на САД, кои претходно заплениле дел од лажните телефони.

Извештаите за случајот доаѓаа во време кога Кина презема остри мерки за сузбивање на бизнисот со фалсификувани производи, притискајќи ги фирмите да ја брендираат стоката.


Леброн Џејмс на своите тимски колеги им подарил часовници „епл“


Кливленд, 9 јуни, 2015 - 12:00 (META) 

Ѕвездата на Кливленд кавалирс, Леброн Џејмс, минатата недела на своите тимски колеги им подарил нови часовници „епл“, како своевиден мотивациски гест пред почетокот на финалната серија во НБА-лигата, објави вчера „Кливленд.ком“.

Џемјс подароците на колегите им ги поделил во хотелот во Сан Франциско, каде престојувал тимот во пресрет на првите два меча што Кливленд ги играше со Голден Стејт вориорс, на гостински терен.

„Среќен сум што работам со извонредни партнери и секогаш кога можам, сакам да споделам со моите тимски колеги. Тоа е мој начин да им покажам дека ми се важни. Не е првпат и нема да биде ниту последен“, изјавил Џемјс за „Кливленд.ком“, пренесува „Хафингтон пост“.

Според „Хафингтон“, неговите колеги, како и досега, ќе можат да очекуваат уште подароци од марките „Епл“ и „Битс“.

Во 2008 година, Леброн инвестираше во новата компанија за слушалки на раперот Д-р Дре, која подоцна беше купена од „Епл“ за една милијарда долари. Според „И-Ес-Пи-Ен“, Леброн по финализирањето на договорот за продажба на компанијата, заработил околу 30 милиони долари.


Часовникот на „Епл“ постави нов рекорд


Вашингтон, 14 април, 2015 - 16:16 (META) 

Гигантот „Епл“ успеа да продаде повеќе паметни часовници во еден ден отколку што „Гугл“ успеал да продаде паметни часовници „андроид веар“ за цела година, пишува „Бизнис инсајдер“.

Сите продавачи што го користат оперативниот систем на паметните часовници на „Гугл“ минатата година продале 720.000 примероци, додека „Епл“ во првиот ден продал 957.000 часовници.


„Епл“ откри детали за „паметниот“ часовник


Копертино, 6 април, 2015 - 20:30 (META) 

Компанијата „Епл“ за три недели треба да го лансира новиот „паметен“ часовник, а сега го објави и упатството за негово користење.

Засега се објавени само четири детали од упатството, а до лансирањето ќе бидат објавени уште седум за корисниците подобро да се запознаат со „паметниот“ часовник.

Повеќе детали на официјалната страница.


„Епл“ годинава ќе лансира три различни модели „ајфон“


Вашингтон, 26 март, 2015 - 12:52 (META) 

Компанијата „Епл“ во втората половина на годинава ќе објави три различни модели „ајфон“, пишува „Дигитајмс дејли“.

Според индустриски извори, тоа ќе бидат iPhone 6S, iPhone 6S Plus, како и четириинчен уред кој во моментов се нарекува iPhone 6C. Сите телефони ќе доаѓаат со панели LTPS, а исто така се препорачува и да бидат опремени со заштитен екран Corning Gorilla Glass.

Во извештајот се наведува дека серијата iPhone 6S би користела процесори A9, додека серијата iPhone 6C би користела процесори A8. Сите телефони ќе имаат поврзување NFC, како и читач на отпечатоци од прсти.


Одобрен е патентот на „Епл“ за виртуелна реалност


Купертино, 19 февруари, 2015 - 16:06 (META) 

Американскиот информатички гигант „Епл“ доби дозвола во САД да го комерцијализира патентот за очила наменети за виртуелна реалност.

Системот е многу сличен на тој на „Самсунг“, паметниот телефон има функција на екран, а посебните очила овозможуваат тродимензионален ефект.

Благодарение на сензорите на паметниот телефон, движењата на главата се пренесуваат во реално време во виртуелниот свет, што доведува до залажување на мозокот, пишува порталот 20minutes.fr.


„Епл“ достигна рекордна вредност од 700 милијарди долари


Копертино, 12 февруари, 2015 - 15:50 (META) 

Компанијата „Епл“ стана првата компанија во историјата чија пазарна вредност на акциите ја надмина цифрата од 700 милијарди долари.

Акциите на „Епл“ вчера, по затворањето на пазарот, поскапеа за 1,92 отсто, а цената на поедничните акции изнесува 122,02 долари, што воедно е компаниски рекорд.

Главени конкуренти на „Епл“ се „Гугл“, кој вреди 358 милијарди долари, и „Мајкрософт“, со вредност од 347 милијарди долари.


„Епл“ ја изработува првата апликација за уредите „андроид“


Купертино, 9 февруари, 2015 - 10:42 (META) 

Компанијата „Епл“ најави дека работи на својот прв сервис за стримување музика во соработка со компанијата „Битс“. Сервисот бо требало да биде конкуренција на постојниот „Спотифај“ и нему сличните.

Наместо да ја користи веќе постојната „битс-апликација“, „Епл“ развива целосно нова, која ќе ги замени музичките плеери на „iOs“ уредите.

Ова е прва апликација која компанијата „Епл“ се развива и за уреди „андроид“.