„Епл“ и „Мета“ влегуваат во ера на длабока филозофска конкуренција, вели Закерберг

Марк Закерберг | Фото: Anthony Quintano CC BY 2.0 | Wikimedia Commons

Технолошките компании „Мета“ (поранешен „Фејсбук“) и „Епл“ влегуваат во период на многу длабока, филозофска конкуренција, која ќе ја дефинира иднината на Интернетот. Ова го вели извршниот директор на „Мета“, Марк Закерберг, во разговор кој го објави „Д Врџ“, а го пренесе „Арс Техника“.

И „Епл“ и „Мета“ во следната деценија планираат да инвестираат многу во „измешаната“ реалност, но имаат дијаметрално спротивни визии за тоа како идеално би изгледал пејзажот на виртуелна и проширена реалност.

Во аудио снимка од состанок со вработените во неговата компанија, Закерберг одговара на прашање на еден од вработените во однос на идната конкуренција со „Епл“ и покажува како „Мета“ ги гледа своите ривали.

„Мислам дека е прилично јасно дека „Епл“ ќе ни биде конкурент, не само како производ, туку и филозофски. Ние пристапуваме кон ова на отворен начин и се обидуваме да изградиме поотворен екосистем“, вели Закерберг.

Тој појаснува дека „Мета“ е ко-основач на „Metaverse Open Standards Group“ заедно со други технолошки компании како „Мајкрософт“, со цел да се воспостави одредено ниво на интероперабилност, односно преносливост на средствата и податоците помеѓу виртуелните простори. „Епл“ не се приклучи кон оваа групација, што за Закерберг не било изненадување.

„Една од работите што мислам дека е интересна е тоа што не е навистина однапред јасно дали отворен или затворен екосистем ќе биде подобар. Ако погледнете наназад, на компјутерите, „Виндоус“ беше очигледно оној кој имаше многу поголем обем и стана норма што ја користеа луѓето. И „Мек“ помина добро, но мислам дека компјутерите и „Виндоус“ беа најдобриот екосистем во тоа опкружување. На мобилните телефони, би рекол дека е поинаку“, вели Закерберг додавајќи дека „Епл“ се поставил на добра позиција кога се во прашање телефоните.

И Закерберг и Тим Кук, извршниот директор на „Епл“, во минатото имаат изјавено дека веруваат оти проширената, виртуелната и мешаната реалност ќе бидат „следната голема компјутерска платформа“, по ерата на десктоп компјутерите и мобилните телефони.