Со нов закон, Европската Унија се подготвува да ги смени правилата на Интернетот

фото: ROBIN WORRALL на Unsplash

Европската Унија подготви нови правила кои треба да ја „зауздаат“ доминацијата на големите технолошки компании како „Гугл“, „Епл“ и „Мета“, кои ќе бидат приморани да ги отворат своите услуги и платформи и за помалите компании и програмери, пренесува Би-Би-Си.

Новиот закон ќе ги промени правилата за најголемите и највлијателни компании, наречени „вратари“ (gatekeepers). Со стапувањето на сила на Законот за дигитални пазари на ЕУ, меѓу другото, апликациите за пораки можат да бидат принудени да соработуваат со помалите конкурентски апликации. Така, помалите апликации можат да бараат од големите компании да дозволат нивните корисници да испраќаат и примаат пораки и преку платформите на големите компании.

Тоа значи дека поголемите компании ќе треба да дозволат аудио и видео повици меѓу нивните и апликациите за пораки на помалите ривали.

Според „Вајрд“ (Wired), тоа може да значи дека од апликацијата „Вотсап“ на Мета може да се бара да добива пораки од ривалските апликации како „Сигнал“ и „Телеграм“.

Сепак, од големите компании нема да се бара напреднатите функции да ги направат интероперабилни веднаш, односно тоа нема да се случи во наредните четири години.

„Ако имате „Ајфон“, треба да можете да преземате апликации не само од „App Store“, туку и од други продавници за апликации или од Интернет“, изјавил Џерард де Граф, претставник на ЕУ, пренесе „Вајрд“.

Европската комисија објави и видео во кое ја објаснува целта на новиот закон.

Чадор-организацијата „BEUC“ која претставува десетици европски организации на потрошувачи, овој закон го нарече „закон кој ќе ја обележи дигиталната трансформација на ЕУ“.

„Оваа легислатива ќе ги ребалансира дигиталните пазари, ќе го зголеми изборот на потрошувачите и ќе стави крај на многу од најлошите практики во кои се вклучила големата технологија во текот на годините“, велат од организацијата.

Како што појаснуваат од таму, од „Гугл“ може да се бара при прикажувањето на резултати од пребарувањето да не ги преферира своите локални, туристички или работни услуги во однос на оние на своите ривали.

Законот за дигитални пазари од денеска, 1 ноември, преминува во шестмесечна фаза на имплементација и ќе започне да се применува на 2 мај 2023 година. Иако не се посочени компаниите – „вратари“, Европската комисија ќе има за задача до септември догодина да одлучи кои компании ќе бидат засегнати од новиот закон.

Оние компании кои нема да се усогласат со Законот за дигитални пазари на ЕУ ќе се соочат со парични казни до 10 отсто од нивниот годишен промет низ светот при првото прекршување и до 20 отсто за повеќекратно прекршување на правилата.