По 21 година престанува производството на „Ајпод“ уредите

фото: Aegon Boucicault на Unsplash

Компанијата „Епл“ (Apple) објави дека го прекинува производството на својот музички плеер „Ајпод“ (iPod Touch), ставајќи крај на уредот кој е познат по извршената револуција во начинот на кој луѓето слушаат музика.

Последното ажурирање на „Ајпод“ беше во 2019 година, а неговото пропаѓање, со појавата на паметните телефони, се предвидуваше долго време, пишува „Би-би-си“.

Овој уред понуди неколку различни модели изминативе години, вклучувајќи ги моделите „Mini“, „Shuffle“ и „Nano“. Кога првиот „Ајпод“ беше лансиран во 2001 година, истиот можеше да складира до илјада мелодии. Денес, стриминг услугата на „Епл“ брои над 90 милиони песни.

„Ајподот“ беше дизајниран од истиот тим кој подоцна го измисли и популарниот телефон „Ајфон“.

Првиот модел на овој уред беше претставен од страна на основачот на компанијата „Епл“, Стив Џобс.

„Музиката е дел од животот на сите. Музиката била тука отсекогаш и секогаш ќе остане“, рече Џобс за време на презентацијата на првиот „Ајпод“ пред 21 година.

Од „Епл“ соопштија дека уредот останува достапен за купување сè додека не се распродадат залихите.