„Мета“ со план да им овозможи на корисниците во ЕУ да симнуваат апликации директно преку Фејсбук

Благодарение на новиот Закон за дигитални пазари на ЕУ, „Мета“ гледа можност да им стане конкурент на „Google Play Store“ и „App Store“

фото: Dima Solomin на Unsplash

Технолошката компанија „Мета“, во чија сопственост е социјалната мрежа Фејсбук, планира да им дозволи на корисниците во Европската Унија (ЕУ) да преземаат апликации директно преку рекламите на оваа платформа. Доколку ова биде овозможено, „Мета“ ќе им стане конкурент на продавниците за апликации на „Гугл“ и „Епл“, јавува „Врџ“.

Како што објави медиумот, новиот вид реклами на Фејсбук треба да започне како пилот-проект со неколку развивачи на апликации за Андроид подоцна годинава.

Благодарение на новиот Закон за дигитални пазари на ЕУ што се очекува да стапи на сила следната пролет, „Мета“ гледа можност да им стане конкурент на „Google Play Store“ (Гугл Плеј Стор) и „App Store“ (Еп Стор). Законот предвидува „Гугл“ и „Епл“ да ги отворат своите мобилни платформи за алтернативни методи за преземање на апликации.

„Отсекогаш сме биле заинтересирани да им помогнеме на програмерите да ги дистрибуираат своите апликации, а новите опции ќе овозможат поголема конкуренција во овој простор. Програмерите заслужуваат повеќе начини за лесно да ги пренесат своите апликации до луѓето што ги сакаат апликациите“, изјавил претставник на „Мета“ за „Врџ“.

Оваа компанија не е единствената што планира да стане дистрибутер на апликации кога новиот закон во ЕУ ќе стапи на сила. Во март, и „Мајкрософт“ најави дека очекува следната година да лансира своја продавница за апликации во Европа.