Во делови од САД ќе се прифаќаат возачки дозволи преку Ајфон

фото: CardMapr.nl на Unsplash

Осум американски сојузни држави ќе прифаќаат возачки дозволи и други државни лични документи зачувани на Ајфон, соопшти „Епл“ (Apple).

Функцијата за Ајфон која за првпат беше презентирана во јуни годинава им овозможува на корисниците да складираат лични карти и други документи за идентификација во апликацијата „Wallet“.

Системот за прифаќање на документи од телефоните на „Епл“ најпрво ќе го воведат Аризона и Џорџија, а најава за прифаќање има и од Конектикат, Ајова, Кентаки, Мериленд, Оклахома и Јута.

Првите места каде ќе се користи новиот систем ќе бидат безбедносните контролни пунктови на аеродромите кои се управувани од американската Администрација за безбедност во сообраќајот. Од администрацијата велат дека системот ќе овозможи „поедноставно искуство на скрининг на обезбедувањето на аеродромот“.

Притоа, од „Епл“ велат дека корисниците нема да мора да го отклучуваат или предаваат својот уред за да ја прикажат својата возачка дозвола или друг документ, туку само да го допрат телефонот до читачот на аеродромите.

Компанијата тврди и дека сите лични информации се шифрирани и дека ниту тие, ниту државните власти нема да знаат кога или каде е прикажан документот за идентификација.

Сепак, концептот на дигитални лични документи во светот останува контроверзен. Ковид пасошите кои се појавија годинава првично наидоа на отпор од страна на борците за заштита на приватноста.