Ал Сиси ќе се кандидира за втор мандат


Каиро, 20 јануари, 2018 - 12:30 (META) 

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси објави дека ќе се кандидира за втор мандат на претседателските избори во март оваа година.

-Искрено и отворено ја објавувам својата кандидатура за должноста претседател на Републиката и се надевам дека ќе ја прифатите – рече Сиси.

Тој ова го изјави во говорот кој го одржа на конференцијата посветена на резултатите на својот мандат.

Ал-Сиси на функцијата беше избран во 2014 година и ја води земјата со цврста рака. Во 2013 година додека беше врховен командант на вооружените сили, го смени од власт исламистот Мохамед Морис, првиот демократски избран претседател на Египет, по што почна прогон на стотина негови подржувачи.


Претседателски избори во Египет од 26 до 28 март


Каиро, 8 јануари, 2018 - 17:36 (META) 

Претседателските избори во Египет ќе бидат одржани од 26 до 28 март, а евентуалниот втор круг во април, соопшти египетската изборна комисија.

Претседателот на Египет, Абдел Фатах Ел-Сиси се уште не објави дали ќе се кандидира за втор четиригодишен мандат, но се очекува неговото учество и победа на изборите.

Ако ниту еден кандидат не освои повеќе од 50 отсто од гласовите во март, вториот круг ќе биде одржан од 24 до 26 април.

Египетската дијаспора ќе гласа порано, од 16 до 18 март и ако има потреба од 19 до 21 април.


Заев испрати писмо со сочувство до египетскиот претседател за нападот на Синај


Скопје, 26 ноември, 2017 - 15:33 (META) 

Премиерот Зоран Заев, во име на Владата и на граѓаните на Република Македонија, испрати писмо со сочувство до претседателот на Египет, Абдул Фатах ал-Сиси, за нападот во џамијата во Бир ал-Абед на Синај, во кој загинаа повеќе од 300 лица, меѓу кои и деца.

„Прифатете го моето најдлабоко сочувство за трагичниот настан и за загубените животи. Овој ужасен настан предизвика длабока тага и страв кај сите наши граѓани и семејства во двете земји. Останува надежта дека ние, политичките лидери, остануваме посветени на спречување на таквите ужасни напади врз нашата слобода и дека заеднички ќе се бориме да изградиме побезбедни и подобри општества“, се вели во писмото со сочувство на премиерот Заев до египетскиот претседател Абдул Фатах ал-Сиси.


Се зголемува бројот на загинати во нападот на Синај


Каиро, 25 ноември, 2017 - 16:40 (META) 

Бројот на загинати во нападот на џамија во северниот дел на египетскиот Синајски Полуостров се зголеми на 305 лица, додека најмалку 126 лица се повредени, соопшти денеска египетското државно обвинителство.

Главниот државен обвинител, Набил Садек, соопштил дека нападот го извршиле меѓу 25 и 30 милитанти и дека меѓу загинатите 27 се деца, пренесуваат светските медиумите.

Милитантите биле стационирани на главната врата на џамијата и покрај 12 прозорци, пред да почнат да пукаат кон верниците што се наоѓале внатре. Милитантите запалиле и седум автомобили, кои биле паркирани пред џамијата.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси денеска наредил изградба на мавзолеј за лицата убиени во нападот во џамијата.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но агенциите потсетуваат дека Исламска држава претходно вети дека на Синај и во Египет „ќе ги истреби суфиите“, припадници на мистичкото исламско движење, кои екстремистите ги сметаат за еретици. Суфиите се собирале токму во џамијата што беше цел на вчерашниот напад.


Египетската војска гаѓала и уништила возила користени во нападот на Синај


Каиро, 25 ноември, 2017 - 11:45 (META) 

Египетската војска денеска соопшти дека нејзини авиони извршиле напади во кои биле погодени повеќе возила користени во нападот во Северен Синај, во кој беа убиени 235 лица, јавуваат светските агенции.

Војската соопштила дека возилата се уништени, а лицата кои биле во нив се убиени.

Возилата, според соопштението, се наоѓале во близина на џамијата каде вчера беше извршен нападот, во градот Бир ал Абд. Станува збор за најкрвавиот напад извршен од исламистите во модерната историја на Египет.

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси вчера најави „брутален“ одговор по нападот врз џамијата во Синај.

Засега ниту една група не ја презеде одговорноста за нападот, но агенциите потсетуваат дека Ислмаска држава претходно вети дека на Синај и во Египет „ќе ги истреби суфиите“, припадници на мистичкото исламско движење, кои екстремистите ги сметаат за еретици.


Бројот на загинати во Египет се зголеми на 235 лица, претседателот најави „брутален“ одговор


Каиро, 24 ноември, 2017 - 19:04 (META) 

Египетскиот претседател Абдел Фатах ал-Сиси денеска најави „брутален“ одговор по нападот врз џамијата во Синај, во кој, според новите сознанија, животите ги загубиле 235 луѓе.

– Вооружените сили и полицијата ќе ги одмаздат нашите маченици и набргу со сила ќе ги вратат безбедноста и стабилноста – рече Сиси во телевизиското обраќање.

Египетската војска почна со воздушни напади на подрачјето на Синај, концентрирајќи се на планинското подрачје околу џамијата, каде, како што се верува, се кријат напаѓачите.

Вооружените напаѓачи упаднале во џамијата за време на молитвата на припадници на безбедносните сили. Очевидци велат дека прво се слушнала експлозија во близина на џамијата, а потоа напаѓачите, кои пристигнале со четири теренски возила, упаднале во џамијата и отвориле оган.


Бројот на загинатите во Синај се зголеми на 184 лица


Каиро, 24 ноември, 2017 - 15:20 (META) 

Бројот на загинатите во експлозијата и во нападот на џамијата на Синај се зголеми на 184 лица, а на повредените на 120 лица, јавуваат светските медиуми.

Вооружените напаѓачи упаднале во џамијата за време на молитвата на локалните безбедносни припадници.

Засега никој не ја презема одговорноста за нападот, а Египет веќе со години се бори со екстремистите, чии напади се радикализираа по смената на власта во 2013 година.

Египетскиот претседател Абдула Фатах ал-Сиси веднаш свика состанок на највисоките безбедносни претставници.

Очевидци велат дека прво се слушнала експлозија во близина на џамијата, а потоа напаѓачите, кои пристигнале со четири теренски возила, упаднале во џамијата и отвориле оган.

Како што пренесува „Би-би-си“, мета на нападот биле лица кои ги поддржуваат безбедносните сили во Египет.


Нападната џамија на Синај – 85 загинати и 80 повредени


Каиро, 24 ноември, 2017 - 14:27 (META) 

Најмалку 85 лица загинаа, а 80 се повредени во експлозија и вооружен напад на џамија на египетскиот полуостров Синај.

Како што јавуваат светските медиуми, вооружени напаѓачи упаднале во црквата за време на молитва.
Египетското министерство за здравство не ја исклучува можноста бројот за загинатите да се зголеми.

Очевидци велат дека експлозивна направа била активирана кај џамијата „Ал Руадах“ во градот Бир ал-Абд, а веднаш потоа, откако луѓето почнале да бегаат, почнала и престрелка.


Двајца убиени и тројца ранети во напад во Египет


Каиро, 4 август, 2017 - 12:35 (META) 

Две лица се убиени, а три се повредени во напад на патрола во Есна, јужно од египетскиот град Луксор, соопшти денеска египетското министерство за внатрешни работи.

Како што се наведува, убиени се полицаец и еден цивил, а во нападот кој дошол при полициска патрола, повредени се и тројца цивили.

Еден од напаѓачите, кој се наоѓал во запреното возило, е уапсен на самото место, додека другиот успеал да побегне.
Нападите на безбедносните сили во Египет се зачестени откако војската преводена од претседателот Абдел Фатах ал Сиси во 2013 година го собори претседателот Мохамед Морси, лидер на Муслиманско братство.


Две туристки убиени од напаѓач со нож во Хургада


Хургада, 14 јули, 2017 - 20:49 (META) 

Две Германки, кои летувале во одморалиштето Хургада во Египет, станаа жртви на млад Египќанец, кој влегол во нивниот хотел пливајќи од блиската плажа, а потоа бодел со нож, јавуваат египетските медиуми, повикувајќи се на официјални претставници. Според извештаите, четворица други туристи се повредени во нападот.

Напаѓачот е уапсен, а мотивот за нападот сè уште е непознат. Двајца од четворицата ранети се од Полска, а една е Украинка. Иако првично беше пласирана информација за повредени српски државјани, Министерството за надворешни работи на Србија го негираше тоа.

Според неименуван египетски безбедносен претставник, напаѓачот планирал да избоде само странци.