Утре почнува КОП 27, светот мора да преземе посилна акција за климатските предизвици

Фото: Официјална страна на ООН

Лидери на држави, министри, активисти и претставници на граѓанските организации ќе бидат дел од Меѓународната климатска конференција COP 27, која започнува утре во Шарм Ел-Шеик во Египет и ќе трае до 18 ноември. Најголемиот собир во светот посветен на климатските активности ќе треба да биде надоврзување на резултатите од COP 26 и да поттикне акција за низа прашања од клучно значење за справување со климатските промени. Итното намалување на емисиите на стакленички гасови, градење отпорност и прилагодување на неизбежните влијанија од климатските промени, како и исполнување на обврските за финансирање на климатските активности во земјите во развој, се меѓу приоритетите на КОП 27.

Генералниот секретар на Обединетите Нации, Антонио Гутереш, истакна дека COP 27 претставува клучна можност за лидерите да направат значаен напредок во ветувањата за климата.

„Климатските катастрофи веќе ги повредуваат земјите, заедниците и економиите. Климатската акција мора да стане глобален приоритет“, рече Гутереш.

Соочени со растечка енергетска криза, рекордни концентрации на стакленички гасови и зголемени екстремни временски настани, COP 27 бара да се обнови солидарност меѓу земјите, за да се исполни историскиот Париски договор.

Претседателката на Европската Комисија, Урсула фон дер Лајен повика да се почитуваат преземените обврски и да се преземат итни мерки против климатските промени.

„Земјите да преземат итни мерки за да се намалат стакленичките емисии, кои се главен фактор во климатските промени“, апелираше Фон дер Лајен.