Светот паѓа на тестот за емисиите на штетни гасови

Фото: Dragan Tomić from Pixabay

Во 2018 година, научниците на Обединетите нации (ОН) од областа на климата и климатските промени, предупредија дека ако светот сака да го спречи зголемувањето на глобалните просечни температури за повеќе од 1,5 степени целзиусови, ќе мора да исполни една од целите на Парискиот климатски договор – човештвото да ги намали емисиите на штетни гасови на половина, до 2030 година, oбјави Vox.

Последниот извештај на ОН покажува дека светот е на пат да ги зголеми емисиите за 10,6 отсто во споредба со нивото од 2010 година. Тоа може да доведе до зголемување на глобалните просечни температури до 2,9 целзиусови степени. Тоа е неповолно предвидување во пресрет на средбата на светските лидери кои се подготвуваат да се состанат на КОП 27 во Шарм ел-Шеик во Египет следниот месец, каде што ќе ги изнесат своите планови за справување со климатските промени. Ова ќе биде уште еден потсетник за тоа дека има огромни разлики во однос на тоа што земјите зборуваат и што навистина прават.

УНИЦЕФ предупреди оваа недела 559 милиони деца во светот веќе се соочуваат со чести топлотни бранови. До 2050 година речиси секое дете на Земјата ќе доживее поекстремна топлина.

„Овие катастрофи не се ‘природни’, тие се настанати“, напиша климатската активистка Ванеса Накате во извештајот.

Конференциите за клима како што е KOП 27, се главното средство за координација меѓу земјите за решавање на проблемите од овој вид. Но, процесот е бавен, и покрај притисокот за поагресивни намалувања на емисиите. Економските грижи може повторно да го запрат напредокот.