Екипите на „ЕВН Македонија“ ги санираат дефектите во дистрибутивната мрежа


Скопје, 14 февруари, 2018 - 14:32 (META) 

Големо невреме проследено со обилни врнежи од дожд и снег предизвика прекини во снабдувањето со електрична енергија во Југозападниот дел на Македонија. Без струја се дел од населените места во планинските региони околу Охрид, Струга, Гостивар, Кичево, Тетово, Маврово и Реканскиот крај.

„Екипите на ЕВН Македонија во текот на вчерашниот ден ги санираа дефектите во повеќе населени места, освен онаму каде што имаше проблеми со пристапот поради големи наноси од снег и одрони на патот. Од утринава, екипите се постојано на терен и како што ги санираат дефектите, така населените места се пуштаат под напон. ЕВН ги активираше сите расположливи ресурси, човечки и материјални, со цел побрзо справување со дефектите од невремето“, велат од компанијата.

Од таму додаваат дека зимските возила, моторните санки и целата опрема е во служба на екипите за пробивање на најкритичните и непристапни места.

„ЕВН Македонија е во постојана координација со другите енергетски компании кои го сочинуваат енергетскиот систем во земјава, со цел надминување на сите проблеми кои ги предизвика невремето“, се додава во соопштението.


Ниската температура предизвикува чести дефекти во водоводната мрежа во Тетово


Тетово, 21 јануари, 2017 - 15:06 (META) 

Ниската температура во Тетово предизвикува дефекти во градската водоводна мрежа и прекини во водоснабдувањето. Од тетовската работна единица на „Водовод и канализација“ велат дека нивни екипи интервенираат по десетина пати дневно на водоводната мрежа.

– Поради ниската температура, дефекти најчесто се јавуваат кај вентилите и кај водомерите, граѓаните реагираат, но што да правиме, не сме моќни наеднаш сè да санираме. Сега малку состојбата е подобра, но сепак би апелирал граѓаните да ги заштитат своите водоводни шахти за да не замрзнат. Да не ги оставаат отворени шахтите или некако да ги покријат – изјави раководителот на ЈП „Водовод и канализација Тетово“, Самедин Абедини.

Од јавното претпријатие велат дека издашноста на изворите од кои градот Тетово се снабдува со вода за пиење е на граница на потребите за вода за пиење.

– Постојано ја следиме состојбата, изворите имаат тренд на намалување. Нивната издашност изнесува околу 330 литри вода во секунда, што е на граница на потребите за вода за градот Тетово. Издашноста до април ќе се намалува. Засега нема рестрикции на водата за пиење, но апелираме граѓаните рационално да ја користат – вели Абедини.


Големи врнежи од снег и во Албанија


Тирана, 6 јануари, 2017 - 11:56 (META) 

Големите врнежи од снег што синоќа ја зафатија Албанија предизвикаа проблеми во сообраќајот, особено на главниот автопат кој ги поврзува североисточниот дел на земјата и главниот град Тирана.

Најголеми проблеми поради снегот има на делницата од автопатот кај тунелот Тира, каде снежната покривка достигнала 60 сантиметри.

Министерот за транспорт на Албанија, Сокол Дервиши, изјави дека не ја исклучува можноста од затворање на автопатот доколку врнежите од снег продолжат со ист интензитет.

Лошите временски услови предизвикаа проблеми и во околината на Кукс, каде имало прекини во електичната енергија поради оштетувања на електричната мрежа.

Министерството за внатрешни работи на Албанија соопшти дека проблеми поради снегот има и во Корча и во Валона, а снежни врнежи има и во пристанишниот град Драч, што е ретка појава.


БЕГ почна со ладни проби на системот за греење


Скопје, 1 октомври, 2016 - 10:20 (META) 

Компанијата за дистрибуција на топлина „Балкан енерџи“ денеска почнува со секојдневни ладни проби на системот за топлинска енергија. Целта на ладните проби е да се подготви и да провери целосно системот за топлинска енергија за претстојната грејна сезона.

„Имајќи  предвид  дека доколку се случи пад на температурата, грејната сезона може да почне порано од 15 октомври, проверката на системот преку ладните проби ќе овозможи навремено отстранување на сите евентуални пречки што ќе се појават во текот на овие проверки“, соопштија од „Балкан енерџи“, од каде посочија на последните податоци за временската прогноза според кои во текот на следната недела се очекува значаен пад на температурата.

За информирање или пријави за одредени интервенции, потрошувачите може да се јават на телефонскиот број 02/3076-200 или да ја посетат веб-страницата: www.poplaki.beg-distribucija.com.mk. Исто така, на тие броеви потрошувачите можат да ги добијат сите потребни информации.


ЕВН Македонија на сопствен трошок ја санира мрежата во поплавените подрачја


Скопје, 12 август, 2016 - 17:52 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија со сите расположливи капацитети работат на терен за што побрзо да се санираат штетите и да се обезбеди електрична енергија до сите корисници од поплавените подрачја, информираат од компанијата.

– ЕВН Македонија не само што не ги наплатува новите броила, туку во интерес на безбедно и навремено снабдување со електрична енергија нашите екипи ја санираат и внатрешната инсталација на корисниците, повторно без никаков надомест – велат оттаму.

Тие информираат дека екипите на компанијата од почетокот на кризата се во поплавените подрачја и постојано работат на отстранување на дефектите и пуштање под напон на што поголем број корисници.

– Досега се вклучени над 13.000 корисници, односно над 95 проценти од вкупниот број на корисници во критичниот регион и интензивно се работи да се приклучат сите. Без напојување во моментов се неколку стотици корисници кои се напојуваат од трафостаници кои се под вода и корсниците кои не сакаат да бидат приклучени поради уништената внатрешна инсталација. Екипите остануваат на терен сè додека не се нормализира во целост снабдувањето со електрична енергија – информираат од ЕВН Македонија.


ЕВН Македонија: Се санираат дефектите од големото невреме


Скопје, 9 август, 2016 - 17:46 (META) 

Екипите на ЕВН Македонија интензивно работат на санирање на дефектите во дистрибутивната мрежа настанати од големото невреме кое го зафати викендов северозападниот дел на Македонија, соопштија од компанијата.

„Сите дефекти на среден и висок напон во тетовскиот, кичевскиот, велешкиот, битолскиот, охридскиот, кумановскиот и прилепскиот регион се санирани. Екипите сега работат на помали дефекти во нисконапонската мрежа“, стои во соопштението.

Од ЕВН Македонија велат дека се работи и на расчистување на теренот до енергетските објекти  во критичниот реон во с. Стајковци, Смиљковци, с. Сингелиќ, Илинден, пат за Арачиново и други места.

„Како што ќе се создаваат безбедни услови за приклучување така ќе бидат вклучувани под напон и трафостаниците или улица по улица, корисник по корисник. Целиот регион досега беше без напојување од безбедносни причини за да не се создадат поголеми проблеми и да се доведат во опасност животите на луѓето кој работо на расчистување на штетите и граѓаните кои живеат во тој регион и штети дополнителни на имотите“, стои во соопштението.