Бомбашки напад на полициска станица во Колумбија, најмалку петмина загинати


Баранкиља, 28 јануари, 2018 - 12:32 (META) 

Најмалку пет полицајци загинале, а 41 е повреден во експлозија на бомба во полициска станица во колумбискиот град Баранкиља, соопштиле властите во земјата, пренесуваат агенциите.

– Нема сомнеж дека станува збор за одмазда поради неодамнешните успешни полициски акции против трговијата со дрога – изјвил Алехандро Чар, градоначалник на Баранкиља.

Како што јавуваат агенциите, еден од осомничените за нападот е уапсен.

Досегашната истрага утврдила дека повеќе лица поставиле бомба во полициската станица, која потоа била активирана од далечина. Во моментот на експлозијата во станицата имало 49 полицајци.


Се зголемува бројот на загинати во нападот во Кабул


Кабул, 27 јануари, 2018 - 19:49 (META) 

Најмалку 95 лица се убиени, а 158 се повредени во самоубиствениот бомбашки напад што денеска се случи во главниот град на Авганистан, Кабул, велат последните информации што ги пренесуваат светските медиуми.

Нападот се случил кога амбулатно возило полно со експлозив успеало да го помине полицискиот пункт на улица затворена за јавен транспорт.

Одговорноста за нападот ја презедоа талибанските милитанти.

Според очевидци, областа во која се наоѓаат повеќе странски амбасади, како и седиштето на полицијата во Кабул, била полна со луѓе за време на експлозијата.

Пред една недела талибанските милитанти убија 22 лица во напад на луксузен хотел во Кабул.


Најмалку 38 жртви во самоубиствен бомбашки напад во Багдад


Багдад, 15 јануари, 2018 - 10:19 (META) 

Најмалку 38 луѓе се убиени и уште 105 се повредени во двојниот бомбашки напад во средиштето на Багдад, втор во последните три дена. Двата напади уследија по неколкуте седмици релативен мирна состојба во главниот град на Ирак.

– Двајца самоубијци активираа експлозив кој го носеле на плоштадот Ал-Тајаран во центарот на Багдад – изјави генералот Сад Ман, портпарол на оперативната команда која ги координира војската и полицијата.

Плоштадот Ал-Тајаран е поприлично живо место во центарот на Багдад, а таму се собираат мајстори-надничари, во потрага по работа. Двајцата напаѓачи-самоубијци носеле елеци наполнети со експлозив.

 

 


Најмалку 12 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Авганистан


Џалалабад, 31 декември, 2017 - 14:16 (META) 

Најмалку 12 лица загинале, а 14 се повредени во самоубиствен бомбашки напад што се случил денеска во источен Авганистан, јавуваат светските агенции.

Напаѓачот го активирал експлозивот за време на погреб во провинцијата Нангархар.

Официјални претставници на авганистанските власти соопштиле дека билансот на загинати можно е да се зголемува бидејќи голем е бројот на повредени кои се во критична состојба.


Најмалку 18 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Пакистан


Куета, 5 октомври, 2017 - 20:36 (META) 

Најмалку 18 лица се убиени, а повеќе од 30 се повредени во самоубиствен бомбашки напад кој денеска се случил во светилиште во пакистанската провинција Балучистан, јавуваат светските агенции.

Одговорноста за нападот ја презела екстремистичката група Исламска држава (ИД).

Бомбашкиот напад бил изврешен на влезот на светилиштето, каде за време на нападот пристигале голем број верници за да му оддадат почит на починатиот локален верски лидер.

Меѓу загинатите во нападот е и полицаец, кој го запрел бомбашот на влезот во џамијата и спречил билансот на жртвите да биде поголем.

Малцинските исламски групи во провинцијата Балучистан се честа мета на напади на милитантите, вклучувајќи ја и Исламска држава.

Овој регион е погоден од насилства на два фронта. Покрај нападите на талибанците и на другите сунитски екстремистички групи, сепаратистите во Балучистан ги напаѓаат објектите на централната пакистанска влада.


Обвинетиот за нападот во лондонското метро изведен пред суд


Лондон, 22 септември, 2017 - 16:47 (META) 

Осумнаесетгодишниот Ахмед Хасан денеска е изведен пред судот во Лондон под обвинение за обид за убиство во врска со бомбашкиот напад во метро-станицата Парсонс грин, јави „Би-би-си“.

Тој е обвинет и за предизвикување експлозија која може да го загрози животот или да предизвика сериозни повреди.

Хасан пред судот го потврдил својот идентитет, датумот на раѓање и адресата на која живее.

Во истрагата за терористичкиот напад во лондонското метро беа уапсени шест лица. Двајца од нив, како што пренесува „Би-би-си“, се ослободени од обвиненија и се пуштени на слобода, додека Хасан и уште две лица, на возраст од 25 и 30 години и понатаму остануваат во притвор.

Нападот во метро-станицата Парсонс грин во Лондон се случи на 15 септември, а во експлозијата на импровизираната бомба беа повредени 30 лица.


Уапсено уште едно лице осомничено за поврзаност со нападот во Лондон


Лондон, 17 септември, 2017 - 10:10 (META) 

Британската полиција уапсила уште едно лице под сомневање за поврзаност со бомбашкиот напад што се случи во петокот оваа недела, во метро-станицата Парсонс грин во Лондон, јавува „Би-би-си“.

Станува збор за 21-годишно момче, кое синоќа било уапсено во западен Лондон. Осомничениот бил однесен во полициската станица во јужен Лондон, каде останува во притвор.

Вчераутро, во пристанишниот град Довер, полицијата уапси 18-годишно момче кое, исто така, се поврзува со нападот во лондонското метро.

Полицијата вчера почна претрес во куќа во Сунбери, кој, како што пренесува „Би-би-си“, и понатаму трае. Куќата му припаѓа на повозрасен брачен пар, познат по прифаќањето на стотици деца, вклучувајќи и бегалци.

Заканата од терористички напад во Велика Британија и понатаму е на највисоко – критично ниво, што значи дека постои реална опасност од напад.

Во детонацијата на импровизираната експлозива направа поставена во лондонското метро повредени беа 29 лица.


Полицијата уапси 18-годишно момче за нападот во лондонското метро


Лондон, 16 септември, 2017 - 12:42 (META) 

Британската полиција утрово уапсила 18-годишно момче под сомневање за поврзаност со бомбашкиот напад што вчера се случи во метро-станицата Парсонс грин, во југозападен Лондон, јавува „Би-би-си“.

Засега нема информации за индентитетот на момчето, а полицијата неговото апсење го опишала како значајно.

Момчето било уапсено во пристанишниот град Довер и е задржано во локалната полициска станица.

„Имаме важно апсење во истрагата утрово. Иако сме задоволни од напредокот, продолжуваме со истрагата, а нивото на опасност и понатаму останува критично“, изјавил Нил Басу, координатор на антитерористичките единици на полицијата.

Во детонацијата на импровизираната експлозива направа поставена во метрото повредени беа 29 лица.


Британската полиција трага по бомбашот одговорен за нападот во метро-станицата


Лондон, 16 септември, 2017 - 10:48 (META) 

Во тек е потрага по лицето одговорно за бомбашкиот напад што вчера се случи во метро-станицата Парсон грин во југозападниот дел на Лондон, во кој 29 лица беа повредени, јавува „Би-би-си“.

Полицијата соопштила дека трага по осомничените и дека стотици полицајци ги прегледуваат снимките од безбедносните камери од метро-страницата.

Заканата од терористички напад во Велика Британија е подигната на највисоко – критично ниво, што значи дека постои реална опасност од нов напад.

Милитантната група Исламска држава соопшти дека стои зад експлозијата на бомбата во метро-станицата што се случи вчера утро.

Помошник-комесарот на лондонската полиција, Марк Роули, изјавил дека ИД „рутински“ ја презела одговорноста за нападот, независно од тоа дали имала или не претходна врска со лицата вмешани во случајот.

Тој побарал од јавноста да остане будна, но додал дека луѓето не треба да бидат вознемирени.


Најмалку 15 загинати во самоубиствен бомбашки напад во Могадишу


Могадишу, 20 јуни, 2017 - 19:31 (META) 

Најмалку 15 лица загинале во самоубиствен бомбашки напад што денеска се случил во главниот град на Сомалија, Могадишу. Одговорноста за нападот ја презела исламистичката група Ал шабаб, јавуваат светските агенции.

Во експлозијата повредени биле уште 18 лица, меѓу кои и седум жени. Повеќето настрадани во нападот се цивили.

Сомалиското министерство за безбедност соопштило дека нападот се случил кога маж со комби, наполнето со експлозив, ја пробил вратата од регионална канцеларија во јужниот дел на Могадишу.

Групата Ал шабаб последните неколку месеци води засилена кампања на бомбашки напади врз цели во Могадишу и на други места во Сомалија.