Судењето за „Тортура“ одложено за 23 март, се чека одлуката на Апелација за Мијалков


       
Скопје, 28 февруари, 2018 - 10:41 (META) 

Првото рочиште од судскиот процес за случајот „Тортура“ на Специјалното јавно обвинителство, кое требаше да се одржи денеска е одложено, бидејќи како што соопшти судијката Александра Ристеска, Апелацискиот суд сè уште не донел одлука по жалбата на СЈО дали и на екс директорот на УБК, Сашо Мијалков ќе му се суди за апсењето на лидерот на Обединети за Македонија, Љубе Бошкоски на 6 јуни 2011 година.

Советот за оценка на обвинителен акт во декември само делумно го прифати обвинението на СЈО за „Тортура“ и одлучи на Мијалков да не му се суди за апсењето на Бошкоски, туку само на шестмината полицијаци, на чело со поранешниот командант на едницата „Алфа“, Ивица Анчевски-Пуки. Поради ова СЈО, поднесе жалба до Апелацискиот суд.

Судијката Ристеска додаде дека против Мијалков нема правосилен обвинителен акт и следното рочиште го закажа за 23 март.

Инаку, во Кривичниот суд во Скопје денеска дојдоа Љубе Бошкоски и шестмината обвинети припадници на единицата „Алфа“. Од СЈО присутни беа обвинителите Љубомир Лапе и Гаврил Бубевски.

СЈО ги товари Мијалков и шестмината полицајци за кривичното дело мачење и друго сурово, нечовечко или понижувачко постапување и казнување, а се однесува на апсењето на Бошкоски еден ден по предвремените парламентарни избори во 2011 година пред ресторанот „Воденица“ во Скопје.