Возачот кој на пешачки усмрти 11-годишно девојче во Велес ќе одлежи 10 години помалку

Апелацискиот суд ја прифати жалбата на велешанецот Ангелче Николов кој пред осум месеци возејќи со голема брзина, под дејство на алкохол, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова од Велес и му ја преиначи казната од осумнаесет на осум години затвор

Апелациониот суд Скопје | Извор: Хелсиншки Комитет за Човекови Права

Апелацискиот суд во Скопје ја прифати жалбата на велешанецот Ангелче Николов кој пред осум месеци возејќи со голема брзина, под дејство на алкохол, на пешачки премин ја усмрти 11-годишната Магдалена Иванова од Велес и му ја преиначи казната од осумнаесет на осум години затвор. Со ова преиначување на пресудата на Основниот суд во Велес, на Николов фактички казната му се намалува за 10 години.

„Пресудата е преиначена од вкупно 18 години на 8 години затворска казна која сега со одлуката на Апелација е правосилна и без право на жалба. Во образложението стои дека не се доволно ценети олеснителните околности за обвинетиот Ангелче Николов“, ја пренесуваат медиумите изјавата од Основниот суд во Велес.

Одлуката ја донеле Лирие Елези Ајрулау, Лидија Зимбовска, Енвер Беџети и Енвер Амзаи, членови на апелацискиот совет кој одлучувал по жалбата на адвокатите на Николов.

Во образложението на пресудата се опишани сите околности, односно како отежнителна е околност на делото е дека тој го напуштил местото на настанот и се криел повеќе од 30 часа, а олеснителните околности се поврзани со личните, семејните и материјалните прилики на обвинетиот.

„Се работи за млад човек, неженет, фактот што досега е неосудуван и постапка за друго кривично дело не се води, придонесот на обвинетиот за ефикасно завршување на кривичната постапка изразена преку признавањето вина за кривичните дела за кои се товари, изразеното каење, даденото ветување дека нема да го повтори тоа што го сторил, подготвеноста да го промени личниот статус и да се вклучи во нормалните текови на здравото општествено живеење, по мислење на советот на овој суд упатуваат на заклучок дека во конкретниот случај и со изрекување поблага казна затвор односно на единствена казна затвор во траење од 8 години, како и казна – забрана за управување со моторно возило од Б категорија во траење од 5 години, сметано од денот на правосилноста на пресудата“, стои во одлуката на Апелацискиот суд.

Трагичниот настан се случи на 17 декември 2022 година кога Николов, возејќи со голема брзина и пијан, на улицата „Борис Трајковски“ во близина на училиштето „Васил Главинов“, која е со ограничена брзина до 30 километри на час, на пешачки премин удри во девојчето и во нејзината мајка, а нивниот татко и сопруг го избегна ударот. Девојчето почина на лице место, а нејзината мајка беше тешко повредена.