ССНМ и ВМРО-ДПМНЕ реагираат за инцидентот со фоторепортерите, Забрчанец со друга верзија


       
Скопје, 19 јули, 2018 - 10:08 (META) 

Самостојниот синдикат на новинарите и медиумските работници (ССНМ) и ВМРО-ДПМНЕ остро реагираа на, како што велат, „спречувањето на тројца фоторепортери да си ја извршуваат својата работа“ на лидерската средба во Клубот на пратениците, нарекувајќи го однесувањето на претставниците на власта „непримерно и израз на ароганција“. Од владата пак одговорија дека станува збор за несоработка од страна на тројцата фоторепортери.

Фоторепортерите по инцидентот кратко ги оставија своите фотоапарати и друга опрема пред објектот.

„ССНМ бара итно Владата да ја испита ситуацијата во која тројца фото-репортери биле оневозможени да работат и при тоа биле изложени на ароганција и непримерно однесување од страна на преставници на власта, а под изговор на „безбедносни проценки“ на почетокот на денешната лидерска средба. Во изминативе години многу неправди, притисоци и злосторства врз медиуми и медиумски работници се извршени под максимата „согласно Уставот, законите и процедурите“ поради што најостро отфрламе секаков обид ароганцијата, затвореноста и третирањето на новинарската фела со потценување да бидат објаснети со безбедносни или каков било друг вид “проценки“, порача новинарскиот синдикат.

Од ВМРО-ДПМНЕ велат дека станува збор за немање демократски капацитет во власта и побараа Заев да се извини и да го смени својот советник за медиуми.

„ВМРО ДПМНЕ најостро го осудува односот на власта кон медиумите и попречувањето на фоторепортерите професионално да ги извршуваат службените задачи. Заканите и навредите кон медиумите се закани кон јавноста и го покажуваат немањето демократски капацитет на владејачката гарнитура. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да се извини на медиумите за недоличното однесување кон професионалците кои само ја вршеа својата работа информирајќи ја јавноста. Премиерот Зоран Заев мора веднаш да го смени својот советник за медиуми кои со закани и потценувачки однос се обиде да ги замолкне и заплаши новинарите“, порача ВМРО-ДПМНЕ.

Марјан Забрчанец, советникот за односи со јавност во Владата, пак, преку својот Фејсбук-профил порача дека тројца фоторепортери одбиле да се упатат во зградата каде што биле сите останати претставници на медиумите.

„Не е точно дека на фотографите и снимателите им било забрането да ја проследат лидерската средба. На сите претставници на медиумите им е овозможен пристап и за фотографирање и за снимање, сала за работа и сите неопходни услови. Повеќе од 20 сниматели и повеќе од 10 фотографи се внатре и непречено работат.

На самиот влез, безбедносните служби проценија дека просторот кај влезот треба да се ослободи, но тројца фотографии одбија да се упатат во зградата каде што се сите останати претставници на медиумите. Реагираа бурно со напад дека “сме се изживувале”, на што јас одговорив дека станува збор за безбедносна проценка, а не за мој личен став и дека ние не се изжувуваме со новинарите како што тоа се случуваше во изминатите 11 години“, напиша Забрчанец.