!На 1 февруари 2017 година, заврши промотивниот период на слободно користење на содржините на „Мета“. Во периодот што претстои го воведуваме новиот систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително

Шефот на германската дипломатија, Габриел, бара Иванов да ја преиспита одлуката


       
Киев, 3 март, 2017 - 14:09 (META) 

Шефот на германската дипломатија, Зигмар Габриел, изјави дека е вознемирен од состојбата во земјава и бара Иванов да ја преиспита одлуката.

– Влошувањето на внатрешно-политичката состојба во Македонија е многу вознемирувачко. Внатрешно-политичката стагнација се заканува да го уназади процесот на приближување на земјата кон Европската Унија – изјави Габриел за време на посетата на Украина.

Тој во изјавата го нарекува лидерот на СДСМ, Заев, „досегашен лидер на опозицијата“.

– Претседателот Иванов го лишува досегашниот лидер на опозицијата од мандатот за формирање влада, иако тој го обезбеди парламентарното мнозинство зад себе. Тоа е спротивно на демократските принципи и на европските вредности, на кои земјата се обврза. Претседателот Иванов би требало да ја преиспита оваа одлука и да ја коригира во интерес на граѓаните на својата земја. Германија стои зад јасните пораки, кои вчера во Скопје ги пренесе високата претставничка, мојата пријателка, Федерика Могерини, на политичките актери и на претставници од македонското граѓанско општество. Моето барање е насочено кон сите во Скопје кои носат политичка одговорност, и во актуелната вжештена внатрешно-политичка клима да дејствуваат одговорно, да користат умерена реторика и да сторат сè за да не им наштетат на односите меѓу етничките групи – рече Габриел.

Тој изрази жалење што спорот за името сè уште не е решен и порача дека е потребно итно придвижување кон наоѓање решение.

– Отворено го поздравуваме понатамошното доближување на земјата кон Европската Унија и жалиме што нерешеното прашање за името со години попречува побрз напредок на патот кон приближување на ЕУ. Сигурно и тоа во значителна мера придонесе за актуелното заострување на ситуацијата. По ова прашање мора веднаш да се внесе динамика – рече Габриел.