СДСМ: Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ да се изјаснат за референдумот


       
Скопје, 10 август, 2018 - 9:36 (META) 

Цела деценија, во секој јавен настап и во секоја своја програма ВМРО-ДПМНЕ тврдеше дека за решението на спорот со Грција граѓаните ќе го имаат последниот збор на референдум. Сега кога референдумот е извесен, кога е постигнат историски Договор кој носи членство во НАТО и ЕУ со зачуван идентитет, Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ немаат јасен став, велат од СДСМ преку соопштение до јавност.

„Христијан Мицкоски и ВМРО-ДПМНЕ треба да се изјаснат за референдумот и јасно да соопштат за што се. Дали се за светла иднина или за темно минато? Дали се членство во НАТО и ЕУ или амнестијата на криминалот им е поважна од се? Ако се за иднина, ако се членство на Македонија во ЕУ и НАТО раководството на ВМРО-ДПМНЕ треба да излезе и да ги повика своите членови да гласаат на референдумот. СДСМ заедно со сите политички субјекти и прогресивни сили кои се на страната на иднината, на страната на НАТО и ЕУ, ќе овозможи волјата на граѓаните да биде целосно испочитувана и реализирана“, велат од партијата.

На референдумот на 30 септември, додаваат од СДСМ, граѓаните ќе изберат светла иднина, ќе изберат членство во НАТО и ЕУ со зачуван и зајакнат идентитет граѓаните ќе кажат „да“ за македонската иднина.