„Фејсбук“ со официјално соопштение извести дека ги избришала официјалните страници на партијата на екстремна десница „Британија на прво место“ (Britain First) и на нејзините лидери поради говор на омраза.
Според лондонски „Гардијан“, „Фејсбук“ ги отстранил главната страница на партијата, која имала над 2 милиони фанови, како и страниците на партиските челници Пол Голдинг и Џејда Франсен поради „ширење говор на омраза наменет да предизвика омраза против групи во нашето општество“.
Од социјалната мрежа наведуваат дека според нивните стандарди, говорот на омраза е неприфатлив, односно, како што стои во образложението, на оваа социјална мрежа политичките ставови мора да се изразуваат без омраза. Од „Фејсбук“ велат и оти постапуваат и ги отстрануваат содржините во кои таквиот говор е присутен секогаш кога ќе им биде предочен таков случај. Истовремено, се потенцира дека нема да се дозволи екстремистичката група да отвори нови страници.
Вонпарламентарната партија „Британија на прво место“ е озлогласена поради своите кампањи против мултикултурализмот и директни акции од т.н. „христијански патроли“ против џамии низ Велика Британија. Групата е често квалификувана како фашистичка, и е позната по тоа што интензивно користи онлајн активизам.
Заменик-претседателката на партијата, Џејда Франсен, чие судење за говор на омраза на јавен митинг во Белфаст е во тек, стана меѓународно позната откако претседателот на САД Доналд Трамп ретвитна неколку нејзини исламофобни твитови на почетокот на март. Овој потег на Трамп беше критикуван и од британската премерка Тереза Меј.
Од„Фејсбук“ наведуваат дека наспроти тоа што повеќепати испратиле предупредувања до администраторите на сега затворените страници, тие продолжиле да објавуваат содржини кои ги прекршуваат правилата на платформата.