Полицијата во Северна Митровица ја загрозила безбедноста на новинарите


       
Приштина, 30 март, 2018 - 15:52 (META) 

Регионалната платформа на Западен Балкан за слобода на медиумите и безбедноста на новинарите, која застапува повеќе од 8.000 членови, ги осудува последните инциденти кои се случија врз новинарите за време на полициската интервенција во Северна Митровица.

Од таму информираат дека инцидентот се случил на 26 март, кога специјалната полициска единица Регионална единица за оперативна поддршка (ROSU) во Северна Митровица го уапси претставникот на српската влада Марко Ѓуриќ, кој според Владата на Косово, влегол во државата без претходно одобрение од властите во Приштина.

„Новинарите ја покриваа средбата на Ѓуриќ и другите претставници со граѓаните на Северна Митровица, кога полицијата изврши интервенција на тоа место. За време на интервенцијата, специјалците искористија шок бомби и солзавци за да ја разделат толпата која го блокираше влезот на зградата каде се одржуваше средбата. Во таа хаотична ситуација, неколку новинари беа повредени и дел од нивната опрема беше оштетена. Меѓутоа, и други новинари беа нападнати на друга локација“, се вели во соопштението.

Оттука, Платформата повторно ја истакнува својата загриженост во однос на безбедноста на новинарите и инсистира косовските власти да спроведат истрага за полициската акција.

Заменик-директорот на косовската полиција во Северна Митровица посочил дека ниту еден случај на нападнат новинар не бил пријавен од страна на ниту еден новинар.

„Платформата ги охрабрува сите новинари да ги пријават инцидентите и нападите секогаш кога се нападнати или добиваат закани на работното место. Исто така, ги повикува властите да направат се што е во нивна моќ за да обезбедат безбедна средина за работата на новинарите“, се додава во соопштението.

Од почетокот на 2018 година, Здружението на новинарите на Косово регистрирало седум инциденти врз новинари, вклучувајќи еден физички напад и шест случаи на застрашување, не вклучувајќи го последниот инцидент.