По лекарите, и медицинските сестри од Штип се селат во странство


       
Штип, 2 ноември, 2018 - 9:31 (META) 

Над десетина медицински сестри и техичари во Клиничката болница во Штип во моментов зеле оправдано неплатено отсуство во законскот рок до три месеци и работат некаде по здравствените институции на европските земји.

Зачестен е трендот медицински персонал со средно образование со над дваесетгодишен работен стаж да поминува по неколку месеци во странство во неколку наврати, а потоа некои од нив и сосема се иселуваат во земјите каде привремено работеле. Ова се информации што последните месеци се почесто се слушаат меѓу медицинскиот кадар, а делумна потврда стигнува и од Клиничката болница од Штип.

Директорот Ален Ѓеоргијев потврдува дека опаѓа бројката на среден медицински персонал кој се пријавува на отворените огласи за вработување.

-Најдрастично е со медицинските сестри. На последниот оглас за вработување на 27 медицински сестри се пријавија 60 кандидати, за разлика од порано каде на огласите се пријавуваа и по 150 до 200 кандидати и за помал број отворени работни места – објаснува Ѓеоргијев.

Заминувањето на вработените лекари – специјалисти е во помал број, бидејќи државната специјализација ги врзува за одреден број години што треба да ги поминат во институцијата што ги праќа на дообука.

Германија е земјата каде најчесто се сели средниот медицински персонал, но не ретко работа наоѓаат и во Велика Британија, Швајцарија,а во последно време и во земјите од регионот.

Во Штип, каде работи средно медицинско училиште засега нема изразен недостаток на среден медицински персонал, за разлика од Свети Николе и Виница, каде дел од матичните лекари останаа без медицински сестри, па сами ги пишуваат рецептите. Според информациите од професионалните здруженија, некои од нив заминале во странство, а други во јавното здравство, поради подобрите услови за работа.

Наспроти преполнетите паралелки со ученици во средните медицински училишта, болниците и другите здравствени установи полека се празнат со персонал. Здруженијата го истакнуваат податокот дека светските стандарди се 600 медицински сестри на 100.000 жители, додека  тој број кај нас е паднат на 350.