Пет милиони евра за заеднички туристички понуди на Западен Балкан


       
Сараево, 28 јуни, 2018 - 14:17 (META) 

Тригодишен проект за унапредување на туризмот преку заеднички туристички понуди во земјите од Западен Балкан, вреден пет милиони евра, беше промовиран денеска во Сараево.

Проектот, како што соопшти Регионалниот совет за соработка (РСС), треба да им помогне на земјите од Балканот да ги прошират и соединат туристичките производи од културниот и авантуристичкиот туризам.

„Во следните три години преку овој проект на РСС, ќе се доделат до 30 мали грантови во вредност од околу 50 илјади евра со цел на унапредување на инфраструктурата поврзана со културниот и авантуристичкиот туризам, при што првите јавни повици за грантови ќе бидат објавени веќе во средината на јули годинава – изјави Горан Свилановиќ, генерален секретар на РСС.

Активностите ќе бидат спроведувани со помош на владите, приватниот и невладиниот сектор, а крајната цел е привлекување што поголем број странски туристи.

Проектот ќе го спроведува РСС, а го финансира Европската унија. РСС е оперативно меѓувладино тело на Процесот за соработка во Југоисточна Европа, чиј основач и полноправен член е и Република Македонија.