„Оне-Вип“: Нема зголемување на цените на тарифите за мобилни разговори


       
Скопје, 10 јуни, 2016 - 18:18 (META) 

Со оглед на фактот што не ни е позната методологијата според која е пресметано наводното зголемување на цените, во овој момент можеме само најодговорно да изјавиме дека нема зголемување на малопродажните цени на тарифите во брендот „Вип“ – се вели во реакцијата на компанијата „Оне-Вип“ откако Агенцијата за електронски комуникации (АЕК) информираше дека просечната цена за една минута разговор на мобилен телефон е зголемена за повеќе од 15 проценти, а мобилниот интернет поскапува приближно за 20 отсто.

Како причина за ваквото поскапување од АЕК меѓудругото го наведуваат и спојувањето на „Оне“ и на „Вип“, кои по преземањето и на кабелскиот оепратор „Близу“ настапуваат како една компанија.

– Со комерцијалната интеграција на брендовите нема промени во договорите склучени досега. Корисничките договори остануваат целосно важечки со истите бенефиции, права и обврски се до нивната промена или раскинување од страна на самите корисници. Корисниците продолжуваат да ги користат услугите под истите услови под кои ги имаат склучено своите договори, со истите цени согласно избраниот тарифен модел – се вели во реакцијата на „Оне-Вип“.

Оттаму информираат дека „согласно преземените обврски на „Оне-Вип“, најдоцна до 30 јуни ќе започне со работа Лајка мобајл во улога на целосен мобилен виртуелен мрежен оператор.“