Судијата на претходна постапка го одби барањето на Специјалното јавно обвинителство (СЈО) и не им одреди мерки на претпазливост на поранешниот премиер и актуелен лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски, на поранешниот министер за транспорт и врски, Миле Јанакиески и на актуелниот градоначалник на општина Гази Баба, Тони Трајковски, кои денеска беа на распит во Кривичниот суд, за случајот „ТНТ“.

„Судија на претходна постапка постапувајќи по предлогот за определување мерки на претпазливост спрема осомничените: Н.Г., M.J. и T.T. поднесен од страна на Јавното обвинителство за гонење на кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО) и се опфатени во предметот на СЈО во јавноста познат како „ТНТ“, донесе решение со кое го одби како неоснован предлогот на СЈО и против истите не определи мерки на претпазливост“, стои во соопштението на Основниот суд Скопје 1.

Специјалното јавно обвинителство сега има рок од 24 часа да поднесе жалба до Кривичниот совет на Основниот суд Скопје 1 на одлуката на судијата на претходна постапка.

Груевски по распитот на кој се задржа околу еден час, изјави дека не се чувствува виновен и дека постапките на Специјалното јавно обвинителсто и нивните барања за мерки против него се нарачани од неговиот политички противник, кој е свесен дека ја нема поддршката од граѓаните и се обидува да ги изрелативизира работите со „апсурдни судски покани“.

Груевски, Јанакиески и Трајковски се осомничени за уривањето на комплексот „Космос“ на бизнисменот Фијат Цаноски.