Црвен крст од Охрид, под водство на инструктори за безбедност на вода од „Операција Флориан“, од Велика Британија, во водите на Црн Дрим во Струга и во Охридско Езеро, спроведе обука за спасување и за извлекување давеници од брзи води.
Центарот за безбедност на вода при Црвен крст од Охрид, со тоа се здоби со тренери и со спасители на брзи води. Спасителите на вода и екипите за прва помош при општинскиот Црвен крст добија и нови униформи, кои се донација од фирмата „Џерман хелт кер“ (German Health Care).
Единствени во Македонија, обучени по стандардите на Велика Британија, овие тренери и спасители на вода во периодот што следува, на соодветни обуки ќе ги пренесат стекнатите знаења и вештини на своите колеги во другите средини во Македонија, за да се зголеми безбедноста на вода на брзи води-реки.
– Како резултат на обуките, Центарот за безбедност на вода при општинскиот Црвен крст доби спасители на брзи води. Вложуваме многу во нашите капацитети и во нивната надградба за да може да се одговори на сите предизвици. Оваа година се насочивме кон обука на спасители и на тренери за интервенции на брзи води, што недостига во Македонија. Среќни сме што осум наши спасители и двајца тренери ќе бидат подготвени да ги пренесат своите знаења и вештини за спасување на брзи води насекаде низ Македонија. Капењето на реката Црн Дрим, е забрането за што има и поставено информативна табла, но тоа често не се почитува. Затоа има и несреќни случаи и давеници и поради тоа мора да има и присутни спасители – вели претседателот на Црвен крст Охрид, Сашо Точков.