!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Нацев: ВМРО-ДПМНЕ не потклекнала и во многу потешки времиња


       
Скопје, 7 декември, 2017 - 20:44 (META) 

По десетти пат се собравме за да им кажеме на сите дека притворените се наши браќа, а не терористи чиј единствен грев е што си ја сакаат државата, рече Дејан Митески од ВМРО-ДПМНЕ на вечерашниот протест на партијата пред Кривичниот суд, поради притворањето на 36 лица осомничени за насилствата во Собранието од 27 април, меѓу кои се и шестмина пратеници на опозициската партија.

Пред него, Александар Нацев рече дека сите 36 притворени се жртви на политички реваншизам и на прогонот „од страна на антидржавната хунта на СДСМ“.

– ВМРО-ДПМНЕ не потклекнала и пред многу други предизвици и во многу потешки времиња, ВМРО надживеала империи, војни, надживеала вештачки творби од држави, а ќе го преживее и ова денес – рече Нацев.

Светлана Колариќ од ВМРО-ДПМНЕ истакна дека СДСМ ја замолкнал правдата во Македонија и дека „терористи и тешки криминалци, убијци и разбојници се на слобода, а на нивните места се ставаат луѓе кои се невини“.

Таа изјави дека можеби СДСМ знаел, го очекувал или го подготвувал сценариото за 27 април.

Меѓу присутните на вечерашниот протест беше и лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Никола Груевски.