!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Могерини: Очигледно е дека целиот Балкан на крајот ќе биде дел од ЕУ


       
Блед, 5 септември, 2017 - 10:52 (META) 

Ние работиме на тоа секој наш поединечен партнер од Западен Балкан да има перспектива за членство во Европската Унија, изјави високата претставничка за надворешна и за безбедноста политика на ЕУ, Федерика Могерини, во своето обраќање на Бледскиот стратешки форум во Словенија.

Могерини истакна дека Балканот е веќе во Европа, дека се наоѓа во срцето на Европа и дека балканските народи сакаат и заслужуваат исти шанси, иста безбедност и исти права како и сите други граѓани на европскиот континент.

– За мене е очигледно дека целиот Балкан треба да биде и дека на крајот ќе биде дел од Европската Унија – истакна Могерини.

Таа потести дека тоа било ветено пред повеќе од 13 години во Солун и дека таа недвосмислена посветеност на сите 28 земји – членки на ЕУ е повторена во март годинава.

– Јас зацртав и како моја лична цел дека до крајот на мандатот на сегашната Европска комисија, односно за две години, ќе видиме практичен и мерлив напредок за сите наши шест партнери од Западен Балкан, напредок што ќе го направи нивниот пат кон ЕУ неповратен – порача Могерини.

Високата претставничка на ЕУ додаде дека имаше моменти на длабоки политички кризи во регионот, но дека дури и во така тешка година, сите европски партнери ги надминале тешкотиите и продолжуваат да напредуваат кон Европската Унија.

– Тоа го направија пред сè затоа што тоа од нив го бараат нивните граѓани, особено младиот и деловен свет. И тие тоа го направија во партнерство со нас, знаејќи дека можат секогаш да сметаат на нашето пријателство и припадност кон семејството – рече Могерини.

Во рамките на Бледскиот стратешки форум синоќа, средба со Могерини имаше и шефот на македонската дипломатија, Никола Димитров, на која било разговарано за европските приоритети на Македонија.

– Во регионот не треба да се плашиме да разговараме отворено за минатото, но не смееме да се дефокусираме од дискусијата за иднината, затоа што и иднината и вредностите што ги споделуваме се европски – истакнал Димитров.