!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

МО до СДСМ: Јолевски секогаш се залагал за територијалниот интегритет на Македонија


       
Скопје, 16 февруари, 2017 - 17:25 (META) 

Министерот Зоран Јолевски на сите средби што ги имаше во Вашингтон, како и секогаш, се залагал за територијалниот интегритет, суверенитет и унитарниот карактер на Република Македонија, се вели во реакцијата на Министерството за одбрана на денешната прес-конференција на портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

„Сакаме да го потсетиме господинот Шилегов дека министерот за одбрана Зоран Јолевски, во 2008 година додека беше амбасадор на Република Македонија во САД го преговараше текстот за Декларацијата за стратешко партнерство меѓу Соединетите Американски Држави и Република Македонија во која САД експлицитно го поддржува територијалниот интегритет и суверенитет, како и унитарниот карактер на Република Македонија“, стои во соопштението од МО.

Од Министерството велат дека Јолевски за време на официјални и работни посети независно во која земја во светот, „на средбите, конференциите, билатерални и мултилатерални средби, безбедносни форуми и тн., секогаш достоинствено ја претставува Македонија“.

Портпаролот на СДСМ на денешната прес-конфернција го повика Јолевски „да објасни што се зборувало на неговата средба со американскиот конгресмен Дана Рорабакер и дали таа средба е повод за контроверзните изјави на конгресменот за поделба на Македонија“.