!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

СДСМ го повика Јолевски да каже што зборувал со Рорабакер


       
Скопје, 16 февруари, 2017 - 15:14 (META) 

Министерот за одбрана од ВМРО-ДПМНЕ, Зоран Јолевски треба да објасни што се зборувало на неговата средба со американскиот конгресмен Дана Рорабакер и дали таа средба е повод за контроверзните изјави на конгресменот за поделба на Македонија, порача денеска на прес-конференција портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов.

– Министерството за одбрана, пак, е должно да одговори со кој друг се сретнал министерот Јолевски. Дали тоа биле приватни или службени средби и дали македонската јавност треба да очекува нови контроверзни изјави како резултат на посетата и средбите на Јолевски? Ако според официјалните информации посетата на Јолевски на САД била и приватна и службена, тогаш кој ги платил трошоците за таквите посети? Кој го платил преклопувањето на партијата и државата и дали Јолевски од позиција на министер лобирал за партиски интереси? – праша Шилегов.

Тој нагласи дека е недозволиво министер за одбрана да користи привилегии за да организира приватни екскурзии и средби низ светот, а веднаш по нив да излегуваат изјави дека Македонија наводно ќе се распадне.

Порталот „Призма“ вчера објави дека од Министерството за одбрана за БИРН потврдиле дека Јолевски на 2 февруари се сретнал со конгресменот Дана Рорабакер, за време на неговата посета на САД.

Неколку дена подоцна, односно на 6 февруари, американскиот конгресмен, кој е воедно и претседавач на подкомитетот за Европски прашања, во интервју за албанската телевизија „Визион плус“ изјави дека „Македонија не е држава“ и дека траба да биде поделена меѓу Косово и Бугарија.