Мицкоски ги прими демонстрантите, им рече дека ВМРО-ДПМНЕ нема да им се придружи на улица


       
Скопје, 19 јуни, 2018 - 15:14 (META) 

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски ги прими претставниците на граѓаните кои протестираа пред Собранието и побараа средба со него пред седиштето на партијата, при што им рекол дека ги поддржува нивните протести, но дека пратениците од партијата нема да им се приклучат на улиците, туку ќе дејствуваат од Собранието.

Претседателот на Здружението „Семакедонски национален совет Македониум“ Страшо Олумчев, по средбата, за МИА изјави дека по нивното барање за напуштање на пратениците од опозицијата на седниците во Собранието и да се приклучат на протестите, Мицкоски им кажал дека ВМРО-ДПМНЕ нема да го напушти Собранието, но и дека нема да учествува во собраниските активности поврзани со договорот со Грција, бидејќи, како што смета, би било подобро партијата да биде внатре и да го спречи премиерот Зоран Заев во носење штетни одлуки.

Олумчев рече дека разговарале и за референдумот за кој Мицкоски во медиумите дал изјава дека ќе гласа против, а од Здружението му посочиле дека треба да се спречи тој референдум со образложение дека името на Македонија не е добиено на гласање туку тоа се пренесувало од дедовци и прадедовци со векови.