fbpx

Мета-ретроспектива: Влади се менуваат, а „Гисеке“ печати обрасци и предизборни афери

-

Германската фирма „Гисеке и Девриент“, која го има договорот за изработка на македонските лични докумети (пасоши, лични карти и возачки дозволи), по десет години повторно е во фокусот на медиумските конфронтации меѓу власта и опозицијата.

Во 2005 година, пред изборите, таа го доби тендерот за новите лични документи, а МВР беше обвинето дека нетранспарентно ја одбрало таа компанија и дека „заиграла“ и провизија. Владината комисија за жалби по јавни набавки, чиј претседател тогаш беше, сега актуелниот пратеник и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов, тогаш утврди дека нема ништо спорно. ВМРО-ДПМНЕ, пак, како опозиција, тендерот на владата на СДСМ го оквалификува како „скандалозен“, но не само што не стори ништо за да го расветли случајот, туку ја продолжи соработката со контроверзната германска компанија.

Сега, повторно пред избори, на сцена се појави „Гисеке“, кога министерот за внатрешни работи на СДСМ, Оливер Спасовски, минатата недела на прес-конференција соопшти дека при попис на сите обрасци за лични документи во магацините на МВР, откриле 70.000 дупликати на формулари за возачки дозовли, со исти сериски броеви како на обрасци евидентирани во февруари 2014 година.

Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ, по прес-конференцијата, повеќепати го повика министерот Спасовски да одговори, пред „домашната и меѓународната јавност“, зошто германската компанија двапати испечатила македонски возачки дозволи со ист сериски број.

„Јавноста очекува одговор дали Спасовски побарал помош преку Интерпол за спроведување на меѓународна истрага против германската компанија и за расчистување на нивните мотиви за криминал со обрасците за македонските возачки дозволи. Доколку Спасовски опстојува на ставот дека открил криминал, ВМРО-ДПМНЕ сака да го предупреди да се откаже од намерите за формирање комисија која ќе ги уништи дупликат формуларите. Тоа е уништување на доказен материјал без наредба од повисоките органи во случај кога нема ниту кривична пријава. Тоа е незаконски“, реагираа од ВМРО-ДПМНЕ, во понеделникот, оваа недела.

Од „Гисеке и Девриент“ за „24 Вести“ соопштија дека формуларите испратени до МВР, со дупликат сериски броеви, биле изработени по грешка.

„Поради внатрешно недоразбирање од наша страна, документи со бројни секвенци од една од претходните години беа доставени во декември. Тие беа “празни“, односно, уште не беа персонализирани. Со оглед дека системот за складирање и персонализирање на Веридос, поставен на сајтот на клиентот, содржи врвни безбедносни мерки, грешката била веднаш идентификувана при пристигнување на празните документи во Скопје. Следниот чекор, односно персонализација, беше спречено од безбедносните мерки на системот. Откако ова беше откриено, македонското МВР веднаш не извести. Беше договорено дека Министерството ќе го уништи контингентот на лице место“, соопштија од германската компанија.

Расправиите меѓу ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ околу „Гисеке и Девриент“, само од обратна позиција на власт и на опозиција, ги полнеа медиумите и во 2005 година, кога германската фирма го доби тендерот за изработка на македонските лични документи.

Тогаш, според пишувањата на медиумите, беа доведени во прашање условите и транспаретноста под кои „Гисеке и Девриент“ го добила тендерот на МВР, на чие чело во тоа време беше Љубомир Михајловски Џанго. По добивањето на тендерот, тежок 23,4 милиони евра, постапката веднаш беше обжалена од дел од другите понудувачи, меѓу кои француската „Шарл Обертур“, италијански „Институто полиграфико“, австриски „Сименс“ и „Канадијан банкнот компани“. Компаниите бараа увид во тендерската документација, а контроврзии се појавија и околу технологијата што била понудена од германската фирма, за која експерти тврдеа дека е застарена и дека европските земји полека ја напуштаат.

Во медиумите можеше да се прочитаат и шпекулации дека изборот на „Гисеке и Девринет“ била договорена работа од претходно меѓу тогашната владејачка партија СДСМ и Германците, како враќање на долгот за поддршката што германските социјалдемократи му ја дале на СДСМ за изборите во 2002 година.

Прашања до владата за тоа како бил спроведен тендерот фрчеа и од тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ, која во 2005 година наголемо се подготвуваше за изборите следната 2006 година.

– Зошто во новите лични карти нема да стои местото на раѓање, туку само датумот на раѓање и зашто во нив не е предвидено запишување на биометриските податоци – прашуваа од партијата, обвинувајќи дека тогашното МВР нетранспарентно и без објаснување ја одбрало технологијата на поликарбонатски пасош.

Случајот стигна и до владината комисија за жалби по јавни набавки, чиј претседател тогаш беше, сега актуелниот пратеник и портпарол на СДСМ, Петре Шилегов.

Медиумите, тогаш ја бележат и неговата изјава во врска со провизијата во износ од 1,7 милиони евра, што ѝ била исплатена на фирма-човек во Виена, која како консултант на „Гисеке и Девриент“ посредувала во зделката.

– Тоа не е провизија, туку трошоци што понудувачот ги имал при изработката на тендерската документација и целосно е во согласност со стандардите на Светска банка. Износот нас не нè засегнува бидејќи тоа е однос меѓу понудувачот и консултантот – изјавил тогаш Шилегов.

Тој за „Мета“ потврди дека тогаш бил на чело на владината комисија за жалби по јавни набавки, која на крајот утврдила дека нема ништо спорно со тендерот и со понудата на германската фирма, како и со провизијата, за која Шилегов и сега, како и тогаш, вели дека била во рамките на партнерскиот однос меѓу „Гисеке и Девриент“ и виенската фирма.

– ВМРО-ДПМНЕ, тогаш како опозиција, викаше дека станува збор за скандалозен тендер, за потоа, како власт, кога беше укинат визниот режим со земјите од Европската унија, нивниот министер за внатрешни работи да излегува и да се фали дека Македонија има најдобри и најквалитетни лични документи во цела Европа. Но, тоа е својствено за оваа партија. Инаку, провизијата за фирмата-консултант беше внесена во понудата на германската фирма и воопшто не беше скриена. Во случајот немаше ништо спорно. Таа беше наведена заедно со другите ставки во понудата, како процент од вкупната сума на договорот што на конслутантската фирма ѝ го исплаќа германската компанија, а не државата – ни изјави Шилегов.

И покрај сите наводи, перипетии, напади и обвинувања, „Гисеке и Девринет“ го задржа тендерот.

Ништо не беше променето ниту кога ВМРО-ДПМНЕ дојде на власт во 2006 година. Тие ја продолжија соработката со германската фирма и во 2007 годна помпезно го најавија почетокот на издавањето на новите биометриски лични карти, пасоши и возачки дозволи.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...