Лавров: Проширувањето на НАТО е грешка и кршење на „џентлменскиот договор“ со САД


       
Москва, 19 февруари, 2018 - 11:51 (META) 

Проширувањето на НАТО е грешка и истовремено претставува кршење на „џентлменскиот договор“ меѓу САД и повеќето европски земји (дека Алијанската нема да се шири кон исток) од 1990-те години, вели шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров, во интервју за српската новинска агенција „Бета“, одговарајќи на прашањето – „Дали Москва има намера да се спротивстави на очекуваното пристапување на Македонија во НАТО?“.

– Ние постојано ги советуваме нашите колеги од НАТО дека оваа линија ( веќе има три бранови на експанзија, а сега се подготвува уште еден) не го поткопува само она што е договорено во 1990-тите (дека никој нема да ја обезбеди нивната безбедност на сметка на безбедноста на други), туку, е сериозен предизвик за заедничката европска стабилност и безбедност. Обидите се континентот да се подели на два дела. Обидите се овие линии на поделба да се преселат на Исток, поблиску до нашите граници – вели Лавров.

Министерот за надворешни работи на Русија нагласува дека ваквата политика предизвикува огромна штета на напорите за обезбедување стабилност и безбедност на европскиот континент.

– Ништо што сега се прави во НАТО, не ја зголемува безбедноста, вклучувајќи ја и безбедноста на балканските држави, кои, впрочем, не ја загрозуваат безбедноста на Русија воопшто. Ништо од она што се случува сега не е чекор кон подобрување на способноста на НАТО да одговори на вистинските, а не на измислените закани. Не гледам како овие три бранови на проширување го направија НАТО поспособен, на пример, во сузбивање на терористичките и заканите од криминалот со дрога, вклучувајќи ги и оние што потекнуваат од Балканот, каде што, по апсолутно неоправданото, нелегитимно, унилатерално прогласување независност на Косово, беше создадена територија како пример за корупција, што се нарекува “црна дупка” – вели Лавров во интервјуто.