Коалиција за европска Македонија: Масовноста на граѓаните на маршот испрати порака „ЗА“


       
Скопје, 17 септември, 2018 - 9:48 (META) 

Преку масовноста на граѓаните слободно, одлучно и достоинствено испратија силна и јасна порака „Македнија на 30 септември обединето гласа ЗА“, се вели во соопштението на Коалицијата за европска Македонија по повод вчерашниот марш кој се одржа во Скопје.

Од таму велат дека граѓаните се за заедништво, интеграција, напредок како и за сигурна, стабилна иднина во ЕУ и НАТО.

Премиерот Зоран Заев вчера на маршот рече дека нема коцкање со нашата иднина.

„Никој не може да си дозволи да остане настрана. Затоа ве повикувам: Сите имаме јасна и конкретна, граѓанска и родителска должност. Македонија ќе оди напред само доколку и јас, и вие, и вашите најблиски, комшии, пријатели – сите заедно, да излеземе и гласаме на 30 септември“, рече Заев.

Тој ја повика опозицијата да бидат закопани политичките и индивидуалните суети, и да повикаат да се излезе и да се гласа за европска Македонија

Во исто време, опозицијата имаше протестен марш во Штип од каде што лидерот Христијан Мицкоски ги повика граѓаните да бидат претпазливи кон, како што рече, се што се кажува и во се што сакаат граѓаните да поверуваат.

„ВМРО-ДПМНЕ, почитувајќи ги своите вредности на индивидуална слобода и демократско поведение одлучи да остави на граѓаните на оваа држава да постапат на 30  септември по своја слободна волја и убедување. Тоа значи, дека ние нема да наметнуваме партиска агенда, туку ќе учествуваме во дебатата исклучиво презентирајќи факти и аргументи кои сме длабоко убедени дека се на наша страна“, рече Мицкоски.