fbpx

Јанакиески, ако се суди според снимките, треба да заглави 24 години во затвор

-

Миле Јанакиески, според Кривичниот законик, би требало да биде осуден најмалку на 24 години затвор доколку се покаже дека аудиоснимките што ги презентираше Зоран Заев се веродостојни, доколку тие се предадат на јавен обвинител и би можеле да бидат употребени во транспарентна и независна судска постапка.

Во неколку од вчерашните аудиоснимки, министерот за транспорт и врски, Јанакиески, во координација со други министри, функционери, директори на институции и на фирми бара да се обезбедат што е можно повеќе гласови за ВМРО-ДПМНЕ на изборите.

Еве дел од она што може да се слушне на снимките, а го кажува Јанакиески во врска со изборите:

  • „Имаш контрола?“, го прашува Живко Пејковски, директорот на затворот „Идризово“ мислејќи на гласањето на затворениците.
  • Војнициве во Центар, четириесет и нешто војници, да си гласаат за ВМРО, инаку нема да бидат војници“, вели Јанакиески во разговор со соговорник.
  • Жарко, шо напраи, бе, со спискот на вработени во Телеком у п.м., многу чекаме“, му вели Јанакиески на Жарко Луковски, директор на „Ти-мобајл“, кој му потврдува дека вработени во фирмата ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, а во спротивно ќе бидат отпуштени.
  • „Од кога го направивме тоа во поголемите институции што се, на пример, јас сега и во МЕПСО, во ЕЛЕМ, Телеком, тие големите, го направив тоа, сега ни треба ептен по микро“, му вели Јанакиески на Влатко Мијалков, директор на Царинска управа.
  • „Имам извадено по факултетиве кои се вработени, а живеат во општински комитет Центар, во општина Центар. Не знам, педагошки факултет, правен факултет, ваков факултет, некој од кај тебе да си ги викне еден по еден?“, Јанакиески го прашува Спиро Ристевски.
  • Дај вработениве што живеат во Центар да ти дадат по три неопределени… И да определиш двајца-тројца координатори што ќе ги терат на гласање“, му вели Јанакиски на Цветко Грозданов, директор на Акционерското друштво за стопанисување со станбен и деловен простор.
  • „Вака, вака кажи му, ќе му платиме, нека си дојдат со сметките, со сметкопотврда ќе му рефундираме пари лично“, ѝ вели Јанакиески на директорката на Дом за деца без родители, која му вели дека има осум деца што ќе гласаат за Груевски.

Според Кривичниот законик, тоа е прекршување на член 160 (Повреда на слободата на определување на избирачите), кој предвидува казна затвор од најмалку три години.

Истовремено, тоа е прекршување и на член 162 (Поткуп при избори и гласање), кој предвидува казна затвор најмалку пет години.

Во разговор со Никола Тодоров, се слуша како Јанакиески му вели дека ќе мораат механички да ги исклучуваат лифтовите на зградите бидејќи Гиевски (Игор, член во Управниот одбор на „ЕВН Македонија“) не ги исклучил.

Тоа, според Кривичниот законик, е прекршување на член 158 (Спречување на избори и гласање), кој предвидува казна затвор од најмалку пет години ако делото е извршено на подрачјето на две или повеќе избирачки места.

Миле Јанакиески во разговор со Сашо Мијалков вели дека сака го отвори избрачкиот список и да види кој не излегол на гласање за потоа, како што вели тој, „Епа на нив ќе одиме посета, од врата до врата ќе ојме, ако се наши, ќе ги притисниме“.

Тоа, според Кривичниот законик, е прекршување на член 163 (Повреда на тајноста на гласањето) и предвидува казна затвор од најмалку три години.

Истовремено, се прекршува член 164 (Уништување на изборен материјал), кој, исто така, предвидува казна затвор од најмалку три години.

Според член 55 на Изборниот законик, личните податоци содржани во Избирачкиот список се заштитени во согласност со закон и не смеат да се употребуваат за ниедна друга цел, освен за остварување на избирачкото право на граѓаните во согласност со овој законик.

Регистрираните политички партии, коалициите и независните кандидати, односно овластените претставници и нивните заменици на подносителите на листа на кандидати не можат да ги користат избирачките списоци на денот на изборите за евидентирање на лицата што гласале.

Во аудиоснимките што ги објави Заев пред пет дена, премиерот Никола Груевски му вели на Јанакиески да стави неважечки ливчиња во општина Центар.

НГ: Знае да биде тоа, да пуштиш таму на нашиве што поише неважечки да праат…. ало …
МЈ: Да, да, Ве слушам…
НГ: Викам, да си пуштел, Сашо вика, абер до нашиве таму, кај шо може да искрснат неважечки, да…
МЈ: Кажано му е, кажано му е, од сабајле му е кажано…
НГ: И записници такви работи, за после да може да…

Тоа, според Кривичниот законик, е прекршување на член 165 (Изборна измама), кој предвидува казна затвор од најмалку пет години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Столе Попов е добитник на наградата „Златен објектив“ за 2024 година

Столе Стојан Попов е овогодишниот добитник на наградата „Златен објектив“ која се доделува секоја година на 29 април по повод роденденот на Кинотека на Северна Македонија. Признанието „Златен објектив“ се...