Иако Државната изборна комисија најави дека откако лидерот на СДСМ ќе ја презентира „бомбата“ најавена за вчера, ќе заземе официјален став, сè уште нема никаква најава ниту за седница на комисијата ниту, пак, за прес-конференција.

Од ДИК неофицијално велат дека најверојатно денеска нема ни да има седница.

Актуелниот претседател на ДИК, Никола Рилковски, во изјава за „Слободен печат“, рече дека нема да ги игнорира информациите што ги објавува опозицијата, а се однесуваат на изборните нерегуларности, но став, и како гласач и како претседател на ДИК, ќе заземе по најавената прес-конференција на која лидерот на СДСМ, Зоран Заев, најави дека ќе ги соопшти најскандалозните информации што ги имаат во врска со изборите.