fbpx

Изложба на македонските „Архи тек“ и „Прајват принт“ во Атина

-

Иницијативата „Архи тек“ на Архитектонскиот факултет од Скопје и издавачката куќа за уметнички книги „Прајват принт“ (Private Print) оваа недела ги претставија своите активности во Грција, со изложба во атинскиот културен простор „Арт фондејшн“ (The Art Foundation).

На изложбата под наслов „Сè што сте сакале да знаете за вашиот сосед, но сте се плашеле да прашате“, која отвори можност за продлабочување на македонско-грчката културна соработка, беа изложени публикациите на „Архи тек“ и на „Прајват принт“ и видеоматеријал кој ја отсликува актуелната културна и општествена состојба во Македонија.

Заедничката изложба, како што вели Илија Прокопиев од „Прајват принт“, имала цел да поттикне подлабока соработка меѓу македонски и грчки уметници и архитекти.

– „Прајват принт“ и „Архи тек“ беа поканети од „Арт фондејшн“ во Атина во рамки на програма која е именувана како „CTR + T“. Ова претставува еден вид платформа на уметници или колективи кои работат проекти за остварување интернационални соработки, како и дела кои се во процес на работа. Оттаму е и нашата соработка со „Архи тек“, како две нови инцијативи да направиме заедничка соработка и да се претставиме на атинската публика со можност да се остварат контакти со архитектите од Грција и со уметници-автори од Грција – посочува Прокопиев.

Архитектот Владо Данаилов, еден од уредниците на „Архи тек“, посочува дека преку настанот се обиделе на понеформален начин да ја запознаат грчката јавност за културните активности и со актуелните општествени услови во Македонија во кои творат овие две нови културни движења.

Публикацијата на Архитектонскиот факулет од Скопје, „Архи тек“, излегува еднаш месечно, а ја водат Данаилов и неговата колешка Мила Димитровска. Досега имаат четири изданија кои критички обработуваат теми од архитектурата и од поширокиот културолошки контекст интересни за стручната, но и за пошироката јавност.

„Прајват принт“ е основана од Прокопиев и од Марија Христова и како издавачка куќа е специјализирана за уметнички книги, за авторски и за експериментални истражувања. Нивните изданија се билингвални, а прва книга која беше промовирана овој месец е монографија за сликарката Јелена Ристевска.

– Грчкиот уметнички пазар веќе има своја основа, која е многу постабилна. Грчката културна сцена е поодамна вмрежена во тие европски движења и тенденции кои се јавуваат на Запад, така што сметам дека е фино да се оствари соработка и да се разменуваат идеи меѓу овие две земји – вели Прокопиев.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Не е точно дека француски трупи пристигнале во украинскиот град Славјанск

Станува збор за некритички пренесена вест од опскурен Телеграм канал „Воена хроника“, непознат во пошироката јавност, а неговата релевантност и кредибилност се под голем знак прашалник. Оваа вест не ја...