Иванов – Радев: Самитот во Софија е можност за интеграција на Западен Балкан во ЕУ


       
Скопје, 6 мај, 2018 - 19:05 (META) 

Претседателот Ѓорге Иванов, денеска во Дојран имаше средба со претседателот на Република Бугарија, Румен Радев, кој е во работна посета на Македонија.

На средбата, според соопштението од кабинетот на Иванов,  било разговарано за продлабочување на одличните билатерални односи, за интегративните процеси на Република Македонија и биле разменети мислења за актуелните предизвици во регионот и во Европската Унија.

Претседателот Иванов изразил надеж дека Република Бугарија како актуелен претседавач со Европската Унија, по добиената позитивна препорака од Европската Комисија, ќе продолжи да ги поддржува македонските интегративни процеси, особено за одредување на датум за отпочнување на пристапните преговори.

– Самитот ЕУ – Западен Балкан во Софија, по Процесот Брдо-Бриони, ќе биде одлична можност уште еднаш да се потврди европската перспектива за целосната интеграција на земјите од Западен Балкан, бидејќи само на тој начин се гарантира мирот, стабилноста и просперитетот на нашиот регион, кој сè уште е подложен на безбедносни и геостратешки предизвици – рекол Иванов.

Бугарскиот претседател изразил задоволство од учеството на припадниците на Армијата на Република Македонија на воената парада во Софија.

Иванов и Радев разговарале и за унапредување на безбедносната и армиската соработка и размениле мислења за активностите за справување со предизвиците од илегалната миграција, тероризмот и насилниот екстремизам.

Иванов на покана на Радев следниот месец ќе престојува во возвратна официјална посета на Бугарија.