!Во периодот што претстои работиме на воведување систем за пристап и за претплата. За начинот на пристап и за претплатата ќе информираме дополнително. Содржините на „Мета“ до тогаш се слободни за преземање со задолжително цитирање и атрибуирање.

Хан за „Дојче веле“: Мешањето на Рама е контрапродуктивно


       
Скопје, 17 март, 2017 - 19:47 (META) 

Прво демократско предавање на власта, а потоа и спроведување на договорените реформи, порачува европскиот комесар за проширување, Јоханес Хан, во интервју за „Дојче веле“ во пресрет на посетата на Скопје, планирана за вторник, 21 март.

Тој апелира до македонските политичари да се држат до Договорот од Пржино, но и ги предупредува дека „не треба да мислат дека со изборите и со формирањето на новата влада, сите проблеми би биле решени“.

Мешањето на албанскиот премиер Еди Рама, кој се јави како посредник меѓу албанските политички партии при составувањето на платформата, Хан го оценува како контрапродуктивно.

„Сите ние кои сме долго во политиката, знаеме дека советите од соседството ретко добро се примени. Оттука, тоа е контрапродуктивно“, изјавил Хан.

Зголеменото мешање на Русија во македонската политика, Хан го смета за дополнителен прилог во и онака нестабилната атмосфера.

Хан ги отфрлил критиките дека ЕУ го загубила влијанието во однос на земјите од Балканот и особено Македонија.

Хан критикува дека ЕУ не му посветила доволно внимание на спорот за името со Грција и вели дека нерешениот спор предизвикува „лошо чувство“ во Брисел. Сепак, тој смета дека во меѓувреме „работите се промениле“, иако не открива во кој правец.