fbpx

Грција плови низ непознати води: Парламентот го одобри референдумот

-

Со 178 гласа „за“ и со 120 „против“, грчкото собрание даде зелено светло за предлогот за референдум за мерките за штедење на премиерот Алексис Ципрас. За референдумот гласаа пратениците на СИРИЗА, Независни Грци и на Златна зора, додека сите останати опозициски партии, односно Река, Нова демократија, ПАСОК и Комунистичката партија, беа против идејата на 5 јули народот да одлучува за европскиот финансиски пакет мерки.

Гласањето заврши некаде во 3 часот по полноќ, а му претходеше бурна расправа во тензична клима меѓу владата и опозициските пратеници, кои бараат да се отфрли идејата за референдум како неодговорна и да се распишат избори веднаш. Во последен обид да се спречи референдум, лидерот на опозицијата Андонис Самарас денеска ќе се сретне со претседателот Прокопис Павлопулос, кој доаѓа од редовите на Нова демократија, и од него ќе побара да направи сè што може за да се избегне референдум, односно да не го потпише претседателскиот повик за референдум за да се спречи загрозување на грчката европска иднина.

Грчките аналитичари, политичари и медиуми го покренуваат и прашањето колку е уставно одржување референдум за само една недела, истакнувајќи дека е потребно многу повеќе време, односно речиси еден месец, исто како и за организирање парламентарни избори.

Според весникот „Катимерини“, референдумот ќе ја чини државата околу 110 милиони евра, дополнителен трошок што ќе го обремени државниот буџет во овие мигови на финансиска неизвесност за Грција. Меѓу сите граѓани постои голем страв и исчекување за тоа што ќе им донесе новата недела, ако се земе предвид дека финансиската помош за Грција истекнува на 2 јули, а пораките од европската и од меѓународната заедница не се многу охрабрувачки.

Шефицата на ММФ, Кристин Лагард, испрати порака до грчката влада дека сè уште не е предоцна да го сменат мислењето и да се вратат на преговорите. Истакна дека референдумот ќе биде за неважечки предлози бидејќи доколку преговорите останат прекинати, по вторник, кога истекнува финансиската програма за Грција, сите европски предлози во суштина ќе бидат неважечки и непостоечки.

Граѓаните и понатаму продолжуваат панично да извлекуваат пари од банките, да ги празнат супермаркетите и да полнат резервен бензин, не знаејќи што точно ќе се случува со нив и со државата. Со најавата за референдум и државата и граѓаните влегоа во непознати води, од каде единствено решение и излез се смета дека е банкрот на државата, освен ако граѓаните не гласаат позитивно, прифаќајќи ги мерките на ЕУ, иако владата јасно бара од нив да го одбијат планот.

Доколку рефередумот заврши со гласно „да“ за мерките, оцените се дека државата ќе оди на нови парламентарни избори бидејќи актуелната влада се противи на европските мерки и на притисоците.

Сите погледи денеска ќе бидат завртени кон состанокот на Европската централна банка, од која се очекува дали ќе донесе одлука да се воведе контрола на капиталот, односно да се ограничи сумата што дневно ќе може да ја извлекуваат граѓаните. Францускиот весник „Либерасион“ пренесува дека ЕЦБ ќе престане да испраќа финансии кон Грција доколку државата не воведе контрола на банките и извлекувањето на средства. Според информациите во грчките медиуми, Народната банка веќе разгледува сценарија во таа насока, како затворање на банките за седум дена и извлекување пари во висина од 200 евра дневно само од банкомат, слично како што се случуваше и на Кипар пред неколку години.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...