Документи со новото име граѓаните ќе добиваат откако МВР ќе направи набавка


       
Скопје, 11 февруари, 2019 - 11:49 (META) 

Личните документи со новото име Република Северна Македонија, односно пасоши, лични карти, возачки дозволи … граѓаните ќе може да ги добиваат откако, Владата ќе го објави во Службен весник датумот на влегување во сила на Уставните амандмани и Уставниот закон.

Протоколот од Атина се очекува да биде испратен денеска.

На прашањето, кога граѓаните ќе почне да добиваат документи со новото име, портпаролот на Владата, Миле Бошњакоски за „Мета“ одговори дека откако нотата ќе биде испратена и ќе биде објавено во Службен весник, потоа МВР треба да распише јавна набавка за новите документи.

„МВР треба да набави нови пасоши, документи. Нема ограничување за тоа, дали додека трае набавката на документите граѓаните ќе можат да вадат нови, бидејќи ќе си добијат документи по старо, кои потоа ќе треба да ги заменат во рок од пет години“, одговори Бошњакоски.

„Мета“ чека од одговор од МВР колку време ќе трае процедурата за набавка на нови документи.

Инаку, веќе почна промената на натписите и таблите на државните органи и Собранието, а утринава владината зграда осамна без натписот „Влада на Република Македонија“.