До сега поднесена една кривична пријава за поткупи при избори


       
Скопје, 27 септември, 2018 - 13:17 (META) 

Обвинителот Џелал Бајрами денеска на прес-конференција соопшти дека Државниот јавен обвинител, Љубомир Јовески формирал привремена комисија во Обвинителството за евентуални кривични дела поврзани со гласањето на референдумот в недела.

Во Комисијата членуваат по еден јавен обвинител од четирите Виши јавни обвинителства и еден обвинител на ОЈО Скопје.

Бајрами вели дека оваа Комисија ги следела активностите за организирање на референдумот и проблеми и неправилности од кривично-правна природа, според него, нема.

Тој денеска информираше дека се дадени задолженија на сите основни обвинителствата, покрај редовните дежурства викендов да имаат и дополнителни, со цел навремено делување доколку има пријави за сторени кривични дела.

Ги повика граѓаните, партиите, меѓународните претставници, веднаш да пријават секаква неправилност за време на гласањето в недела.

Во врска со поднесени кривични пријави, обвинителот рече дека досега има само една пријава од политичка партија за поткуп при избори и случајот од Скопското, препратен е до Јавното обвинителство на Куманово.