fbpx

Зошто камерите го снимија Спасов, но не и „Монструм“, Младенов и Нешковски?

-

Истрагата за случувањата од вечерта минатиот петок освен што го ставија на тапет дополнителниот заменик-министер за труд и социјална политика, Диме Спасов, денеска ја расветлија енигмата дали функционираат камерите на скопските сообраќајници од проектот наречен „Безбеден град“.

Денешната прес-конференција на министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, а и „ексклузивните снимки“ што ги објави „Сител“, покажуваат дека камерите на скопските сообраќајници се во функција и снимаат сè. Според Спасовски, тоа се снимки од системот „Сејф сити“.

– …Апсолутно ги отфрлам сите работи како што рече во интервјуто (интервјуто на Спасов за телевизија „Нова“) дека ова е криминално-полициска местенка на некој функционер од власта. Само можам да потврда дека има местенка од самиот Диме Спасов и уште поголема местенка од сите што го советуваат да ги дава ваквите изјави во деновите што следат без да знаат дека имаме снимки. За тоа постојат и видеоснимки од системот „Сејф сити“ (Safe City – Безбеден град н.з.) и можат веројатно да се утврдат околностите  – рече денеска Спасовски.

Снимките што ги објави „Сител“, според кадрите, покажуваат дека тие не можеле да бидат направени од друго место, освен од камери поставени на сообраќајниците.

Проектот „Безбеден град“ беше промовиран на 7 мај 2012 година, на Денот на полицијата, а камерите беа поставени речиси две години претходно. На промоцијата присуствуваа тогашните први луѓе на МВР, УБК и на БЈБ, Гордана Јанкулоска, Сашо Мијалков и Љупчо Тодоровски.

Сепак, за неколку настани што предизвикаа големо внимание во јавноста, камерите од „Безбеден град“, иако беа поставени, според тврдењето на тогашното раководство на МВР, не работеа и не можеа да помогнат во истрагите.

„Монструм“

За случајот „Монструм“, односно петкратното убиство кај Смиљковско Езеро од 12 април 2012 година, тогашната министерка за внатрешни работи, Гордана Јанкулоска, при промоцијата на проектот „Безбеден град“ на 7 мај 2012 година рече дека камерите не функционирале:

– За жал, камерите кога се случи грозоморното убиство, не беа во функција и не можевме да сметаме на една ваква технолошки моќна алатка за разоткривањето на најтешкото кривично дело со кое сме се соочиле.

Во еден од прислушуваните разговори што лани ги објави СДСМ, можеше да се слушне разговор меѓу Јанкулоска и тогашниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање, Сашо Мијалков, во кој двајцата зборуваат за промоцијата на проектот „Безбеден град“ и за случајот „Монструм“. Во разговорот, кој, според лидерот на СДСМ, Зоран Заев, бил воден на 30 април 2012 година, Јанкулоска вели:

– Не бе, за спремни, мислам дека немаме проблем, него у контекст на другава работа, знаеш. Нели ние викаме „неаме снимки, неаме ова, неаме она“, а промовираме таков центар.

Сообраќајката на Никола Младенов

Камерите на патарините низ кои поминал Младенов кобната ноќ меѓу 26 и 27 март 2013 година, не работеле, а не снимале ниту камерите на влезот во Скопје, кај населбата Ченто. Еве што за тоа рече  Заев при објавување на „бомбата број 30“:

– … Јавноста ќе слушне дека не работеле камерите на наплатните станици на патарините, како и на влезот во Скопје, кај населбата Ченто. Но, јавноста ќе слушне дека оваа, исто така важна информација, Јанкуловска сака да ја сокрие од јавноста. Зошто МВР не спровела истрага од кои причини не работеле камерите на наплатните станици, на патарините, кои, патем ги обезбедува агенцијата СГС зад која целосно стои Мијалков? Што или кого крие неработењето на камерите? Неработењето на безбедносните камери е уште една, нова, шеста причина за отворање на истрага за смртта на Младенов.

Убиството на Мартин Нешковски на 5 јуни 2011 година

Според тогашните изјави од МВР, камерите од „Безбеден град“, поставени на плоштадот, вечерта кога беше убиен Нешковски не работеле и не снимале, а не работеле ниту камерите на МЕПСО, поради неисправност. Тогашниот помошник-министер за односи со јавноста на МВР, Иво Котевски, за „Утрински“ во ноември истата година изјави:

– Станува збор за проект со кој требаше да бидат поставени камери на сите поважни семафори и крстосници во Скопје. Сепак, како што знаете, оваа идеја сè уште не е реализирана поради недостиг од средства. Немаме контролен центар, каде видеозаписите ќе се проследуваат и ќе се обработуваат. Значи, камери има, но тие не снимаат .

За функционирањето на камерите и за објавените снимки на „Сител“, денеска имаше и многу коментари на „Твитер“. Еве дел од нив:

https://twitter.com/BogdanovskiA/status/794201503506563076

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...