Кривичниот суд попладнево потврди дека поранешниот директор на Управата за безбедност и контраразузнавање (УБК), Сашо Мијалков, ексшефот на неговиот кабинет, Тони Јакимовски, и Небојша Стајковиќ, поранешен помошник-министер во МВР, денеска биле на распит и дале исказ за случајот „Трезор“ на СЈО, во кој тројцата се осомничени.

Специјалното јавно обвинителство бара од судот на тројцата да им бидат одредени мерки на претпазливост, односно да им бидат одземени пасошите. За одлуката на судијата на претходна постапка, од судот велат дека дополнително ќе информираат.

„Постапувајќи по предлог на Јавното обвинителство за гонење кривични дела поврзани и кои произлегуваат од незаконското следење на комуникациите (СЈО), за определување мерки за претпазливост за три лица опфатени во предметот на СЈО, во јавноста познат како „Трезор“, во Основниот суд Скопје 1 пред судија на претходна постапка денеска дојдоа трите лица кои во присуство на нивни бранител и на претставник на СЈО се произнесоа во врска со предлогот. По донесување одлука на судијата на претходна постапка, јавноста ќе биде дополнително информирана“, стои во соопштението од Кривичниот суд.

Мијалков денеска точно напладне пристигна и по речиси двочасовен распит го напушти судот од споредниот источен влез на судската зграда.

Неколку минити пред пристигнувањето на Мијалков, припадници на специјалните полициски единици, кои го обезбедуваа судењето за случајот „Диво Насеље“, го блокираа приодот кон споредниот влез на судот и не им дозволија на новинарите да чекаат пред вратата.

Иако истражната постапка за „Трезор“ беше отворена кон крајот на септември, тројцата осомничени дури денеска беа сослушани од судија на претходна постапка бидејќи СЈО бараше изземање на судијката надлежна за овој предмет поради сомнежи дека нема да постапува непристрасно зашто нејзиниот девер (братот на нејзиниот сопруг) имал деловни врски со фирмата „Финзи“, која е опфатена во случајот „Трезор“. Претседателот на Основниот суд Скопје 1, Владимир Панчевски, го одби барањето за изземање на судијката, а неговата одлука ја потврди и Апелацискиот суд.

Според СЈО, осомничените преку фирмата „Финзи“, со која во еден период управувал сега починатиот Коста Крпач, набавувале опрема за УБК и го оштетиле буџетот за 862.045 евра.