„Zoom“ ги враќа своите вработени во канцеларија

Фирмата вели дека верува оти хибридниот пристап е најефективен

Photo by Chris Montgomery on Unsplash

Компанијата за видео комуникации „Zoom“ (Зум), чие име стана синоним за работа на далечина за време на ковид-пандемијата, му наложи на персоналот да се врати во канцеларија.

Фирмата вели дека верува оти хибридниот пристап е најефективен и луѓето што живеат на помалку од 80 километри од канцеларија треба да работат од таму најмалку двапати неделно, пренесува Би-би-си.

„Зум“ е уште една голем компанија која ги отфрла флексибилните работни политики. Од технолошката фирма претходно изјавија дека нивниот персонал ќе може да работи на далечина на неодредено време.

Според Волстрит Журнал, само 1 отсто од вработените имале редовно присуство во канцеларија во септември минатата година. Околу 75 отсто работеле од далечина, а останатите имале хибриден ангажман.

Растот на компанијата забави нагло по стишувањето на пандемијата. Претходно годинава „Зум“ соопшти дека намалува 15 отсто од својот персонал и дека ќе има големи кратења на платите.

Акциите на компанијата сега вредат околу 68 долари, што е помалку од над 500 долари кога „Зум“ го достигна врвот во октомври 2020 година.

Околу 12 отсто од работниците во САД, каде што се наоѓа седиштето на „Зум“, целосно работеле од далечина, додека 29 отсто имале хибридни политики на работното место. Ова го покажало истражувањето на истражувачи од Универзитетот Стенфорд кое по пандемијата се спроведува на месечно ниво.

Претходно истражување на универзитетот покажало оти работата на далечина е почеста во земјите од англиското говорно подрачје, а многу поретко во Азија и Европа.

Новата политика на „Зум“ ќе биде воведена во август и септември, во зависност од земјите каде се наоѓаат канцелариите.

Во компанијата, според податоците од јануари, работат околу 8.400 лица.