Злоупотребата на смртта на Матеј Периш: Неизбришлив срам не само за таблоидите, туку и за новинарството во целина

-

Таблоидите и полутаблоидите во Србија на 18 мај решија да ја разбијат секоја илузија дека во овие портали и печатени изданија останало нешто од професионалните стандарди, пристојност и емпатија, пишува српскиот медиум Цензоловка чија мисија е промоција на професионално и одговорно новинарство кое подразбира почитување на високите професионални и етички стандарди, односно почитување на Кодексот на новинарите. Мета.мк, по претходно побарана и добиена дозвола, текстот го пренесува во целост:

Овој пат ги закопаа забите во Матеј Периш, кој исчезна на крајот на декември 2021 година, а пет месеци подоцна беше пронајден во Дунав. Без тронка обѕир, образ и разум, без никаква потреба (освен канибалистичкиот медиумски нагон) објавија фотографии од неговото тело веднаш по извлекувањето од реката и податоци очигледно добиени од истрагата.

Овој пат и не е толку важно што оваа постапка е спротивна на законот или прекршува неколку точки од Кодексот на новинарите. Во оваа конкретна ситуација најважно е ВЛИЈАНИЕТО, а потоа одлуката да се направи нешто такво. Тешко е да се влезе во нечиј логички систем, но да се запрашаме како е можно повеќе или помалку талентиран новинар и помалку или повеќе културен човек да се стави во позиција да каже: „Слика на тело во распаѓање? Екстра! Пуштај!“

Вечен изговор за морбидност: Луѓето го сакаат тоа

Како прво, во нашите медиуми, па дури и меѓу горенаведените новинари, постои фасцинација не само од смртта како таква, туку особено од телата на починатите: го видовме телото на починатото момче Ервин Билички, телото на убиената Јелена Марјановиќ, а и десетина тела на покојници во вреќи (од кои мора да штрчат раката или ногата).

Дури и да немаше слики, имаше детални описи на ситуации во кои беа пронајдени силувани, мачени, убиени, мелени, запалени, удавени луѓе.

Кога приватно објаснуваат зошто го прават тоа, колегите од таблоидите обично велат дека „луѓето тоа го сакаат“. Звучи логично, бидејќи луѓето кои гледале што гледале на ТВ екраните во 1990-те, секако имаат зголемена толеранција за хорор. Но, не сите „луѓе“ гледале телевизија во тоа време – едноставно затоа што тие сè уште не биле ни родени.

На крајот на краиштата, и да е така, кој вели дека тоа го сака „народот“? Кој го спроведе референдумот, анкетата, истражувањето? Кој нè праша дали претпочитаме да гледаме тела во распаѓање или полиња со лаванда во весниците?  

Тука доаѓаме до следната важна точка. Дури и ако некои истражувања покажале дека читателите и гледачите навистина сакаат крв, месо и коски, во цивилизираниот свет ваквите фотографии НЕ СЕ ОБЈАВУВААТ како знак на почит кон семејствата, жртвите, па дури и кон јавноста. Затоа во медиумите немаше тела за жртвите на Светскиот трговски центар, жртви на терористички напади, цунами. Меѓу илјадниците удавени мигранти, објавени се само фотографии на тригодишниот Ајлан Курди, кои – во споредба со необјавените – беа речиси уметнички, а во времето на најтешката мигрантска криза беа од несомнен јавен интерес.

Во случајот со Матеј Периш, исто како и во други слични ситуации, немаше таков интерес: младиот човек се удави, истрагата сè уште трае и нема потреба да се гледа во каква состојба е тој. Ниту садистичките читатели се желни за страшни сцени, ниту новинарите се истражни органи (иако има многу кои живеат и работат во согласност со верувањето дека се).

Овде, сепак, најважно е дека зад поривот да се објави она што беше објавено на 18 и 19 мај, се крие тотален дефицит на емпатија, сочувство – елемент што всушност го прави новинарот, поради што многумина се одлучуваат за оваа професија. Да имаше емпатија, макар и мали траги, некој во тие таблоиди ќе се сетеше дека Матеј бил млад човек кој некого сакал, ценел, негувал; дека имал родители, роднини, пријатели; дека живеел меѓу луѓето најдиректно погодени од неговата смрт и на кои фотографиите и податоците од истрагата им создаваат дополнителна болка.

Не само што нема да бидат казнети, државата ќе ги награди

Во конкретниот случај, тие луѓе не ни мораа да ги замислуваат: таткото на Матеј, Ненад, со месеци престојуваше во Белград и на сите новинарски прашања одговараше со ретко видено господство. Во таблоидите, значи, никој не се ни запраша како ќе му биде на тој човек кога ќе го види тоа што го виде.

Како што со години не се прашувале како им е на тие што напаѓале, како живеат семејствата кои ги уништија со нивното известување, како живеат луѓето кои вечно ги клеветеле и замолчувале, како им е на мајките кои за смртта на своите деца дознале од нивните портали (бидејќи, се подразбира, бркаа „ексклузива“).

И тука доаѓаме до првичното прашање – од каде потекнува поривот, идејата, одлуката? Одговорот е јасен: таблоидите го прават тоа што го прават затоа што можат и затоа што за нив не важат ниту правила ниту закони. Не само што нема да бидат казнети за нивните злодела, туку државата ќе ги награди на разни конкурси; нивните уредници ќе бидат добредојдени гости на телевизија, а нивните новинари ќе живеат како бубрези во лој во споредба со другите колеги.

Понизни слуги на секоја влада, медиумски манипулатори и стројници, алатки во рацете на спин докторите, таблоидите всушност постојат за објавување ужас – ужас што ќе ги заинтригира, исплаши, вкочани луѓето; хорор кој јавната и медиумската сцена ќе ја претвори во анархија и морален пустош и долгорочно ќе уништи секаква волја за враќање на угледот и кредибилитетот на новинарската професија.

Како и да свртиме, случајот со Матеј Периш е незамислив и неизбришлив срам и срам не само за таблоидите, туку и за новинарството воопшто, и за Србија – земјата во која Матеј дојде да ја дочека Новата година и која го испраќа. На начин недостоен за човек.

Срам да ви е колеги. Ако сè уште имате срам и образ.

Извини, Матеј. Во име на сите нас кои не можевме да го спречиме ова.

Атила Бижен Жалили е нов сопственик на 85 отсто од акциите на ФК Вардар

Фудбалскиот клуб Вардар на својата страница на Фејсбук денеска објави дека нов сопственик на клубот со 85 отсто од акциите на клубот, е Атила Бижен Жалили. Тие го пренесуваат...