Бел коњ кој бил врзан на балкон во Дебар Маало спасен и однесен во зоолошка (Фото)

Фото: ЗОО Скопје

Акција за спасување на бел коњ кој бил оставен на балкон во напуштена куќа била спроведена синоќа во скопската населба Дебар Маало.

Како што соопштија од ЗОО Скопје, откако на социјалните мрежи се појавија фотографии од коњот како стои на балкон во центарот на главниот град, екипи од Зоолошката градина, Агенцијата за храна и ветерина и полицијата почнале акција за негово спасување.

„Коњчето го најдовме врзано во руинираниот објект и оставено без храна и вода. Доцна вечерта беше пренесен во Зоолошката градина каде што ќе му обезбедиме ветеринарна грижа и најдобра нега. Апелираме да не се измачуваат животни и што поскоро да се направи план на централно ниво за што поголема благосостојба на коњите“, велат од Зоолошката градина.