fbpx

Мајмунските сипаници многу тешко се пренесуваат за да бидат опасни, велат експертите

-

Пандемијата од ковид-19 нема замав во последните месеци, но затоа појавата на мајмунските сипаници предизвикаа големо внимание во јавноста. Медицинските експерти велат дека простор за паника нема заради тоа што овие сипаници многу тешко се шират за да бидат опасни, а и бројот на случаи е мал на светско ниво.
Епидемиологот проф. д-р Александар Стојанов вели дека добрата страна е што потешко се пренесуваат мајмунските сипаници, што не е случај кај ковидот или други вирусни капкови заболувања.

„Овој може и преку воздух да се пренесе, но не е така агресивен. Овие 80 случаи досега регистрирани во Англија, во Шпанија, сега нешто во Италија, тие случаи се од луѓе кои престојувале во Африка. Според некои тврдења, оние кои примиле вакцина за вариола вера, се заштитени и денеска. Дали е така дали не, дали имаме антитела, не знаеме, оттогаш поиминале 50 години. Важно е дека засега нема потреба за загриженост“, потенцира д-р Стојанов.

Проф. д-р Никола Пановски од Медицинскиот факултет вели дека лани во Америка имало два случаи, а сега се вкупно неколку десетици.
„Мајмунските сипаници не се никаква опасност за населението. Многу тешко се пренесуваат, најчесто од животно и тоа најчесто од Африка. Се пренесува и со угриз од животно, со гребаница, и преку микро трауми на кожата. Покрај видливи трауми, може да влезе низ ситни абразии, или пак, со плунка или со некој друг секрет“, вели микробиологот проф. д-р Никола Пановски.
Тој потенцира дека болеста се пренесува од човек на човек со близок контакт.
„Се пренесува и со големите плункови капки, не со аеросолите. Може да се пренесе најчесно меѓу оние што спијат заедно во ист кревет или заедно живеат. Околу 200 случаи има на ниво на Европа. Болеста за прв пат се појавила во 1958 година, прв случај кај човек е регистриран во седумдесетите. Има две варијанти на вирусот една е централно-африканска, таа е поопасна бидејќи дава до 10 отсто смртност, и западно-африканската варијанта која е во Европа и дава 1 отсто смртност“, вели Пановски.
За мајмунски сипанции има лек кој се користел за вариола вера бидејќи оваа болест е слична со неа. Оваа вакцина штити до 85 отсто бидејќи се слични вируси.
Симптомите што се појавуваат се главоболки, температура, болка во мускулите, а на крајот се појавува осипот на кожата. Болеста може да се пренесе во тие три-четири дена. Поминува без компликации, а може да останат лузни на кожата по прележувањето на болеста.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

СЕММ ги награди најдобрите стории на тема „Факти и дезинформации за човековата околина“

Видео-сторијата за илегалната сеча на шумите на Јабланица, долж границата со Албанија е првонаградениот новинарски труд на повикот на Советот за етика во медиумите на Македонија на тема „Факти...