Оскаровецот Питер Бижу е добитник на Златна камера 300 за животен опус, а Лабина Митевска е лауреат на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, соопштија денеска организаторите на Интернационалниот фестивал за филмска камера „Браќа Манаки“.
Годинешното 44. издание на фестивалот ќе се одржи во периодот од 23 до 29 септември во Битола, а ќе биде отворено со македонскиот филм „Домаќинство за почетници“ на режисерот Горан Столевски.
На денешната конференција за новинарите која се одржа во „Хотел Парк и спа“, директорот на Фестивалот, Симеон Мони Дамевски го соопшти добитникот на Златна камера 300 за животен опус, а претседателот на Друштвото на филмски работници, Игор Иванов- Изи го претстави лауреатот на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“.
Познатата македонската актерка и продуцент Лабина Митевска е добитник на наградата „Голема ѕвезда на македонскиот филм“ за исклучителен придонес во македонската кинематографија, што традиционално секоја година ја доделува Друштвото на филмски работници на Македонија. Наградата на Митевска свечено ќе и биде врачена на Меѓународниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки”.
Оваа награда востановена во 2013 година е замислена како признание за посебна контрибуција кон македонскиот филм.
„Оваа година се одлучивме за ѕвезда која долги години блеска на големото платно со голем број главни и споредни филмски улоги и е еденод најуспешните продуценти во историјата на македонскиот независен филм. Станува збор за исклучителна актерка со која и лично сум имал можност да соработувам. Едно од најсензибилните и најфотогенични лица во современата македонска кинематографија и сосема заслужено ќе го носи и епитетот „Голема ѕвезда на македонскиот филм“, истакна на денешната прес-конференција, претстедателот на ДФРМ, Игор Иванов Изи.
Директорот на Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ Симеон Мони Дамевски, пак, потсети дека оскаровецот Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот.
„Оскаровецот Питер Бижу, кинематограферот на „Мисисипи гори“, „Трумановото шоу“, „Во името на таткото“, „Штета“, „Пинк Флојд: Sидот“, „Животот на Брајан“, „Временски бандит“, „9 ½ недели“, „Ричард III“ и редица други антологиски филмски остварувања е годинешен добитник на наградата Златна камера 300 за животен опус“, кажа Дамевски.
Бижу има работено со бројни звучни режисерски имиња од светот на филмот како Алан Паркер, со кого се закитија со Оскар во 1988. за драмата „Мисисипи гори“ со актерскиот тандем Џин Хекман и Вилем Дефо, а со Џим Шеридан, Питер Вир и Луј Мал ги снимија антологиските филмови „Во името на таткото“ со Дениел Деј Луис, „Трумановото шоу“ со Џим Кери и „Штета“ со Џереми Ајронс и Жилиет Бинош.
Тандемската соработка меѓу Бижу и Паркер започна во 1976. година со филмот „Багзи Мелоун“, кога беше лансиран талентот на подоцнежната актерска sвезда Џоди Фостер, а заедно работеа и на антологиското дело од 1982. „Пинк Флојд: Sидот“.
Во плодната кариера на Бижу специфична е соработката и со прославената актерско-сценаристичко-режисерка група Монти Пајтон со чиј култен режисер Тери Гилијам во 1979. Бижу го сними „Животот на Брајан“, бурлескна комедија/пародија за животот на Исус од Назарет, а во 1981 „Временски бандити“.