Најновото 44. издание на Меѓународниот фестивал на филмска камера „Браќа Манаки“, организиран од Друштвото на филмски работници на Македонија (ДФРМ), традиционално и оваа година ќе се одржи во Битола, во септември, информираат организаторите. Објавени се три повици за аплицирање за дел од програмите на годинешниот фестивал.
„Заинтересираните (студенти и искусни професионалци) може да аплицираат со кратки, студентски и документарни филмови на повикот кој ќе биде отворен до 26 јуни. Се очекува, во август, веќе да бидат познати резултатите од направената селекција“, наведено е во соопштението.
Повеќе информации поврзани со критериумите за аплицирање ќе најдете на веб-страницата на фестивалот https://www.manaki.com.mk или може да се информирате на официјалната е-маил адреса на фестивалот [email protected].
Покрај повикот за филмови, на веб-страницата има и информации за акредитации.
Актерот Симеон Мони Дамевски е реизбран за директор и на годинешното 44. издание на фестивалот.