Блокади и граѓанска непослушност, како и проширување на протестите, најавуваат жителите на струшкото село Лабуништа, кои денес протестира против загадувањето што доаѓа од отворените ископи на камен во близина на селото.

„Ние сме мирољубив и културен народ, но многу сме лути што не се превзема ништо против проблемот со кој се соочува село Лабуништа од каменоломите“, вели Алим Салоски од здружението „Натура лаб“ од Лабуниште.

Тој за „Мета“ појасни дека на 2 август претставници на селото имале средба со министерот за економија Крешник Бектеши и тој им ветил дека во рок од 30 дена ќе добијат информација што ќе се случи со нивното барање за укинување на концесиите на сите пет каменоломи кои се во непосредна близина на селото.

„Каменоломите го загадуваат воздухот што го дишеме, полето на кое произведуваме храна е целото бело од прашина, а ни се уништуваат и живеалиштата бидејќи многу од куќите на крајот на селото веќе се испукани од бројните минирања поради вадењето камен“, вели Салоски.

Месец ипол подоцна, жителите на Лабуниште се уште немаат добиено одговор на своите барања упатени лично до Бектеши.

„Изгледа дека проблемот ќе мораме да го решаваме самите оти од Владата нема ништо“, додаде Салоски, кој најави дека од следната недела, доколку нема никаков одговор од надлежните државни институции, тие нема да си ги пуштаат децата на училиште во знак на протест.

Според локалното население од Лабуништа, од досега активните пет каменолома за експлоатација на камен што се наоѓаат во непосредна близина на селото, досега се затворени три, меѓутоа загадувањето од преостанатите два, кои работат со голем интензитет и натаму е многу големо.

„Она што го револтира месното население е што, по посетата на министерот Бектеши е дојдено до укинување на само една концесија и тоа на жител од Лабуниште, кој најмалку загадуваше, додека за преостанатите немаме никаков одговор што ќе се превземе“, појаснува Салоски.