fbpx

Зеленски вели дека на Украина ќе ѝ треба време за да ја почне контраофанзивата

Кога и каде ќе се случи украинскиот притисок е тајна. Во меѓувреме, руските сили ја зајакнаа својата одбрана долж линијата на фронтот што се протега 1.450 километри од источните региони Луханск и Доњецк до Запорижја и Херсон на југ

-

Украинскиот претседател Володимир Зеленски во интервју за Би-Би-Си изјави дека на неговата земја ќе ѝ треба повеќе време за да ја започне долгоочекуваната контраофанзива против руските сили, бидејќи нејзината војска ја чека испораката на ветената воена помош.

Говорејќи во неговиот штаб во Кијив, претседателот Зеленски ги опиша украинските борбени бригади, од кои некои биле обучени од земјите на НАТО, како „подготвени“, но рече дека на армијата и требаат „некои работи“, вклучително и оклопни возила што „пристигнуваат постепено“.

Тој рече дека Укрина може да оди напред да биде успешна во контраофанзивата.

„Но, би изгубиле многу луѓе. Мислам дека тоа е неприфатливо. Затоа треба да почекаме. Ни треба уште малку време“, изјави претседателот Зеленски.

Кога и каде ќе се случи украинскиот притисок е тајна. Во меѓувреме, руските сили ја зајакнаа својата одбрана долж линијата на фронтот што се протега 1.450 километри од источните региони Луханск и Доњецк до Запорижја и Херсон на југ.

Во последните недели, украинските власти се обидоа да ги намалат очекувањата за пробив на руските линии на фронтот.

Сепак, претседателот изрази уверување дека украинската војска може да напредува, предупредувајќи на ризиците од „замрзнат конфликт“, што како што рече, е она на што Русија „смета“.

Зеленски ги отфрли стравувањата за губење на поддршката од САД доколку претседателот Џо Бајден, кој вети дека ќе ја поддржува Украина толку колку што е потребно, не биде реизбран на претстојните претседателски избори во САД во 2024 година.

Украина, рече тој, сè уште ужива двопартиска поддршка во американскиот Конгрес.

Засега нема реална можност за разговори за прекин на конфликтот, бидејќи двете страни велат дека ќе се борат до победа.

Претседателот Зеленски понуди мировен предлог од 10 точки, повикувајќи на враќање на целата окупирана територија од Русија, исплата на репарација за штетите поврзани со војната и создавање на специјален суд за гонење на руските воени злосторства, план што Москва категорично го отфрли.

Западните санкции, рече претседателот, имаат влијание врз руската одбранбена индустрија, споменувајќи ги исцрпените залихи на ракети и недостигот на артилерија.

„Тие сè уште имаат многу во нивните магацини, но… веќе гледаме дека тие го намалија гранатирањето дневно во некои области“, рече Зеленски.

Москва, сепак, најде начини да заобиколи некои од мерките, вели украинскиот претседател, и ги повика земјите да ги таргетираат оние што ѝ помагаат на Русија да ги заобиколи забраните.

Зеленски повторно го отфрли руското обвинување дека Украина стои зад наводниот напад со беспилотно летало врз Кремљ минатата недела, кој беше опишан од Москва како обид за атентат на претседателот Путин.

Украинскиот лидер рече дека верува оти очигледниот напад би можел да биде операција извршена од самата Русија и дека тврдењето се користи како „изговор“ од Москва за напад на неговата земја.

„Тие постојано бараат нешто да звучи како оправдување, велејќи: „Вие ни го правите ова, па ние ви го правиме тоа“, изјави претседателот Зеленски.

Претседателот Зеленски го даде интервјуто додека се одржуваше натпреварот за песна на Евровизија во англискиот град Ливерпул, кој беше избран за домаќин во име на Украина, која беше победник на минатогодишниот настан.

Тој рече дека повеќе би сакал да го види натпреварот во соседна земја „до каде што нашите луѓе би можеле да патуваат и да бидат многу блиски“, но дека има „многу почит“ за Британија, „неверојатна земја“.

„Главната работа е што натпреварот се одржува“, рече Зеленски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

НБО вели дека поскапеното автоосигурување е реално, Битиќи бара повлекување на одлуката

Порастот на цената на полисата на задолжителното автоосигурување се должи на континуираниот раст на цените на реосигурувањето, автомобилите, резервните делови и на порастот на платите и постојаната голема инфлациона...